Тие се просто огорчени? Тие не можат да сфатат како оние пратеници од „десната страна“ ама баш никако да разберат дека договорот со соседна Грција написмено признава „македонски идентитет и јазик?“ Ним им се гади од нивниот цинизам кога, некои од тие пратеници на кои сега им се суди за нивниот дел и удел во настаните од „крвавиот четврток“ (27 април 2017) сеедно повторуваат дека станувало збор за „политички прогон“? Тие извлекуваат потајно задоволство од статусот жртви на тој „крвав четврток“?
Основа на сите тие прашања како и на куп други е – огорченоста. Да, тие се огорчени. Не помалку на себеси отколку на пратениците од „десната страна“. А зошто на – себеси? Затоа што никој од нив (барем јас не успеав да видам) не покажа некоја силна волја да се брани до смрт кога е нападнат од разулавена орда бандити под команда на Чавков. Сите очекуваа спас од службата на собраниското обезбедување која, како што се покажа брзо, соработувала токму како и пратениците од „десната страна“ со бандитите на Чавков. Потоа, спас од полицијата под команда (во тоа време) на Чавков и, најпосле, од војската која чекала команда за „вонрадна состојба“ од Иванов.
Таа огорченост е своевиден отров кој труе бавно, а сигурно убива ако не се исплука. Или, екстриоризира, како што се вели во модерната антропологија. Римскиот филозоф Сенека во својата расправа „За гневот“(De ira) советуваше некој вид супериорен, во основа радикален пацифизам. Тој велеше дека не било важно кој повредува или навредува. Поважно било кој „поднесува повреда или навреда“. Од таа гледна точка тој филозоф многу се разликува од советите на неговиот голем учител и претходник Аристотел, кој велеше дека било срамота (кукавичлак) човек да не се брани кога е – нападнат.
Многу поблиску до оптиката на Аристотел е онаа на нашиот угледен филозоф Ферид Мухиќ, пратеник во сегашниот парламентарен состав. Тој, при еден повод, тој отров го спореди со тигар кој или ќе му изеде душа на човек, или ќе појде по своето крваво парче месо ако се отпушти од синџир. Значи, на бруталната сила која посега во вашиот живот треба да се одговори со сила која брани живот и тоа е – должност (морал). Ако, само затоа што силата која посега по живот е понадмоќна, ако таа надмоќ го парализира вашиот отпор, ако вие ѝ се препуштате на судбината, веќе сте одбиле да ја исполните должноста кон себеси. Една возвишена должност да се најдете на страната – одбрана животот како највисока во скалата животни вредности.
Таа огорченост од самите себеси на пратениците од „левата страна“ може да се спореди со огорченоста од себеси на оние од „десната страна“ кои се почувствуваа длабоко понижени од изневерата на Али Ахмети и неговата ДУИ кога тој одби да прави влада со нив. Беа длабоко понижени и навредени затоа што испаднаа будали во очите на Ахмети. Тој, при првата погодна можност, не се колебаше многу да го погази тајниот Мајски договор според кој влада прават изборни победници во македонскиот и албанскиот политички блок. Накусо, огорченоста е немоќ и слабост. Таа бара некој вид одмерување на силите со оној што ја покажал (сведок!) таа немоќ и слабост. Ако и не е некој лек, тоа одмерување е добар палијатив (мелем) кој ублажува болка на удрена душа. Ама, по правило, завршува со катастрофа тоа одмерување за оној што сака барем малку да се издигне во своите очи.
Добар пример за тоа е оној понижен, згазен, мизерен и во секој поглед социјален аутсајдер, јунак од подземјето, од романот „Записи од подземјето“ на Фјодор М. Достоевски кој важи за надобар во трезорот на светската литература воопшто. Тој мизерен човек се обидува, во серија потфати, некако да се издигне во своите очи, да покаже дека не е ништо подолу од другите, дека не само што може да се носи со нив туку дека е, дури, подобар од нив. Сите тие славни негови потфати завршуваат неславно. Тие го фрлаат во уште поголем очај.
Единствената сламка за спас ја наоѓа во не помалку понижената и згазена од животот проститутка Лиза која покажува разбирање за очајот на јунакот од подземјато и која сочувствува со него. Тоа „разбирање“ јунакот на Достоевски го користи да го истури својот бес врз послабиот од себе, врз оној кој му подава рака и кој го сожалува, веќе според древното правило: јас го правам тоа што и мене ми го правеле! Мене ме понижувале? Мене ме повредувале? Мене ме разминувале како да не постојам (токму тоа му го прави Зверков на јунакот од подземјето при средба на Невски проспект!)? Тогаш и јас ќе понижувам! И јас ќе повредувам! И јас ќе разминувам други како да не постојат!
Не само по таа огорченост која, во филозофијата на Макс Штирнер се вика „ресантиман“ се блиски пратениците од „левата страна“ со оние од „десната“. Тие се доста блиски и по алчноста која се вика, во кантијанската антропологија, Habsucht. Тие беа, со прво, многу гласни и беспоштедни во својата критика на таа алчност кога се разоткри дека Силвана Бонева си наплатувала од 10 до 12 илијади евра патни трошоци за два-три месеца, а во земја во која нејзините избирачи работат за мизерна плата од 150-200 евра. Кога дојдоа на власт, тие пратеници од „левата страна“ ги заборавија своите критики за да почнат да го прават тоа што го правеше Бонева. Додуша, тие ги смалија тие наплати за некои 10% ама и тоа служи повеќе да и се замачкат очи на „завидливата“ јавност.
Последните два примера (има и многу други!) покажуваат две различни работи. Првиот пример добро покажува дека и пратениците од „левата страна“ не еднаш газени, понижувани и тепани од оние од „десната“, токму како и оној јунак на Достоевски имаат потајна и далбока потреба и самите да го „прават тоа што им се правело“. Вториот упатува на расчекор меѓу зборовите (verba) и дела (res), силна индиција за власт на морализмот, не на моралот.
Кога морализмот потиснува во длабока сенка морал, се отвораат вратите на она деликатно чудовиште ennui на Бодлер за кое веќе зборува, a кое се вика самопрезир. Ете зошто ни пратениците од „левата страна“ не беа во состојба да им подадат рака на оние „од десната“ како што бараше премиерот. И ним им треба внатрешно помирување за да биде можно – надворешно!