Под мотото „Зелени вредности – наша трајна визија“, Демократска обнова на Македонија (ДОМ) денеска го одржува својот четврти конгрес на кој како единствен кандидат за претседател е пратеничката Маја Морачанин.
Досегашната претседателка, Лилјана Поповска, одлучи да се повлече откако три мандати беше на чело на партијата.
Поповска пред почетокот на конгресот изјави дека со мирна душа ја остава партијата на следните генерации кои, како што рече, имаат капацитет да продолжат со ист ентузијазам како и досега. Таа вели дека не е уморна од политиката и водењето на партијата, туку оти три мандати на нејзино чело се сосема доволни.
-Во политика не се влегува ни за да ти биде убаво, ниту си одиш ако си уморен. Во политиката влегуваш и остануваш затоа што имаш внатрешен порив да завршиш нешто, да направиш нешто добро за земјата, но, трет мандат е доволно. Јас ќе се повлечев и минатиот мандат, така и разговаравме, но тоа беа многу турбулентни времиња, беше започната политичката криза, а ДОМ беше започнат со излегување од тогашната коалиција – рече Поповска.