Гусарскиот брод плутал низ океанот. Недалеку поминувале и други бродови, но, никој од нив не забележал дека на бродот нема живи луѓе, дека нема морнари, нема капетан, нема посада, нема никој. Бродот се движел по патеката на брановите, сѐ додека друг брод, на кој снемувало храна и вода за пиење, со сиот ризик дека високо на јарболот се вее црно знаме со мртовечки череп, не им пришол за да побара помош. Сликата на гусарскиот брод била запрепастувачка. Сите Гусари биле мртви. И капетанот и посадата. Но, зошто умреле? Која е причината за нивната смрт? Не се забележани никакви знаци од некоја болест, епидемија, од некој нов смртоносен грип и слично. На нивните тела немало рани од ножеви и куршуми, значи, не биле нападнати ниту од друга банда гусари и загинале во борба. Бурињата со вода за пиење речиси полни. Храна имало за уште две посади за долги патувања, а бродот полн со злато, накит, бисери, дијаманти со непроценлива вредност. Храната здрава, витаминска и свежа. Никој од посетителите на другиот брод подоцна не покажал какви било симптоми на болест после конзумирањето на водата и храната. А сите луѓе на бродот биле мртви. Енигма, прашалници и многу чудилници. Посетителите направиле список на богатството најдено на гусарскиот брод, и во првиот поголем град го објавиле во весниците, трагајќи по вистинските сопственици за да им го вратат…
Многу подоцна, современи научници, истражувајќи ја вистината на приказната за смрта на гусарскиот брод, вистинската причина за смртта на целата посада, откриле дека многу е веројатно да ги убиле брановите на океанот. Утврдено е и тоа дека фрекфенцијата од 4 Херци, ако потрае, знае да убие и да не остави трага за причините на смртта кај луѓето. Убива полека, ама сигурно. Претпоставуваат дека бродот плутал низ океанот подолго време на бранови кои имале фрекфенција од 4 Херци, бранови и фрекфенција кои прво зашеметуваат, па те заспиваат, а потоа те убиваат. Мирна смрт. Заспиваш и не се будиш. Некои верници ја нарекле Божја смрт…
***
Белиот гусарски брод на плоштадот ВМРО, со пленот од невидената пљачка на Македонија, веќе подолго време плута на брановите од 4 Херци. Има капетан ама како да го нема, има посада ама како да ја нема. Капетанот намерно го насочува бродот на тие бранови, и плови кон мирна смрт…
Барем нема да имаме зошто да ја истражуваме причината. Полека ама сигурно се самоубиваат на брановите од 4 Херци. Тие што на време ќе го напуштат, имаат шанса да се спасат до копното, каде, ги чека судење за злосторничко здружување, а оние кои на време ќе ги избегнат нивните јавни таласања преку медиумите со кои деценија и нешто ја зашеметуваа јавноста, исто така, имаат шанси да се спасат. Количините на храната, водата за пиење, пленот, ќе ги запишеме во нашите тефтери после исчезнувањето на последниот глас од белиот брод. Натаму плови, и нека плови. Белиот Гусарски брод, полека ама сигурно, плови кон тивка смрт… Тенкју…