Овластен градежен инспектор, со техничка механизација, вчера ја отстрани дивоградбата која незаконски се издигна во близина на скопската тврдина Кале, соопшти Општина Центар.
– Импровизираното градилиште претходно, на 18-ти септември, беше затворено од страна на општината, а на инвеститорот му беше наложено во јасно одреден законски период да ја отстрани дивоградбата. Откако инвеститорот не постапи по решението и продолжи со изградба, Секторот за инспекциски работи на општина Центар пристапи кон отстранување на истата – велат од Центар.
Инвеститорот гради градба без поседување ниедна дозвола и одобрение за градење издадено од општината, а воедно дел од градбата се наоѓа и во со закон строго заштитена зона за градби, односно тврдината Кале.
Општина Центар апелира до граѓаните да ги почитуваат законите и правилата за градба, како и да се придржуваат кон законските процедури за изградба на објекти.