Како Груевски може да скршне од патот до Шутка?

Еден од начините Груевски да се спаси е преку вонреден правен акт кој се поднесува до Врховниот суд за да се преиспита пресудата. Од овој суд можат да донесат решение да го одложат изршувањето на затворската казна додека врховните судии не се произнесат по вонредното преиспитување на пресудата.

9129
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Поранешниот премиер Никола Груевски денеска во Кривичниот суд, каде дојде на рочиште како обвинет во случајот „Траекторија“ кој се однесува на автопатите, го доби упатниот акт со кој тој до 8 ноември треба да се јави во затворот во Шуто Оризари да ја издржи затворската казна од две години за набавката на блиндираниот мерцедес од предметот “Тенк“.

Меѓутоа, дали постои можност Груевски, наместо за околу две недели да заврши зад решетки, да се спаси?

Еден од начините Груевски да се спаси е преку вонреден правен акт кој се поднесува до Врховниот суд за да се преиспита пресудата. Од овој суд можат да донесат решение да го одложат изршувањето на затворската казна додека врховните судии не се произнесат по вонредното преиспитување на пресудата. Иако е реткост, таква одлука имаше и во случајот со екс премиерот Владо Бучковски за аферата „тенковски делови“.

Но, одлука за евентуалното одлагање во Врховниот суд треба да падне најдоцна до 8 ноември, бидејќи преиспитувањето на пресудата не го одложува извршувањето на казната.

За упатниот акт кој денеска го доби Груевски, според Законот за извршување на санкции, тој и неговите адвокати можат да поднесат молба за одлагање. За неа во рок од три дена решение треба да донесе судија за извршување на санкции.

Ако судијата ја одбие молбата, одбрана има право на жалба до кривичниот совет во Основниот суд Скопје 1. Кривичниот совет е должен да се произнесе за жалбата во рок од три дена откако ќе ја добие.

Критериумите за одобрување на ваквата молба налагаат дека осуденото лице, во случајот Никола Груевски, е земјоделец односно треба да заврши полски или сезонски работи, а во семејството да нема доволно работна сила да ги заврши работите. Ако и другите членови од семејството се во затвор, па нема кој да се грижи за децата итн. По овие критериуми, на пример, изржувањето на казната затвор од шест години, ако истата стане правосилна, ќе го одложи екс министерката Гордана Јанкулоска која има мало дете и има право да побара одлагање додека тоа да наполни една година.

Причините за одлагање на извршување на казната затвор, наведени во Законот за извршување санцкии, ги пренесуваме интегрално.

На осуденото лице кое се наоѓа на слобода може по негова молба да му се одложи почетокот на извршувањето на казната затвор, ако:

  1. Се наоѓа на болничко лекување од потешка акутна болест или од зависности;
  2. се случила смрт или тешка болест во потесното семејство на осуденото лице;
  3. Одлагањето е потребно заради извршување или довршување на неодложни полски или сезонски работи, или работи предизвикани од елементарна непогода, или со друга несреќа, а во семејството на осуденото лице нема доволно друга работна сила;
  4. Осуденото лице е обврзано да изврши одредена работа што веќе ја започнало, а поради неизвршувањето на таа работа би настапила позначителна штета;
  5. Одлагањето на осуденото лице му е потребно заради завршување на училишната година или за полагање на испит за кој се подготвувало;
  6. Заедно со осуденото лице се осудени неговиот брачен другар или други членови на заедничкото домаќинство, или ако некои од нив се наоѓаат на издржување на казната, а со упатувањето на сите овие лица на издржување на казна би била загрозена издршката на старите, болните или малолетните членови на семејството, или би се довело во прашање нормалното стопанисување на домаќинството;
  7. Е осудена жена чие дете е помало од една година или која е бремена, а до породувањето не преостануваат повеќе од три месеца и 8) е потребно осуденото лице одредено време да се грижи за воспитување и чување на децата или згрижување на немоќни лица за кои е должно да се грижи, според мислењето на органите за социјална заштита на општината на чие подрачје децата или тие лица имаат живеалиште или престојувалиште.

Инаку, покрај Груевски, во случајот е осуден и поранешниот помошник министер во МВР, Ѓоко Поповски. Тој првично доби 6 години и 6 месеци, но Апелација му ја намали на 4 години и 6 месеци. Поповски веќе се наоѓа во притвор.

Во предметот за набавката на блиндираниот мерцедес на шест години затвор е осудена и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. За неа пресудата сѐ уште не е правосилна, бидејќи ѝ се судеше во раздвоена постапка поради ризичната бременост. Пресудата за неа ќе стане правосилна откако за нејзината жалба, која ја најави Јанкулоска, ќе се произнесе и Апелациониот суд. И во случај екс министерката да биде осудена со правосилна пресуда, како што споменавме, таа нема да заврши во затвор до крајот на јуни 2019 односно додека нејзиното бебе не наполни една година.

ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...