Невработените пребирливи, бизнисмените стегнати

Работодавачите се жалат дека не можат да најадат работници, а невработените дека износот на плата е пред изборот на работното место.

751

Не сакаат да работат или им се нудат работни места несоодветни за нивното образование и ниски плати? Ова прашање често се поставува кога работодавачи се жалат дека не можат да најдат работници, оти невработените кои им се испратени од Агенциите за вработување се изјасниле дека не ја прифаќаат работата.

– Од 10 невработени со кои разговарав повеќето од нив ми рекоа дека добро е да не ги изберам за работата. Ми шепкаа најразлични објаснувања, па и такви дека се пријавуваат како невработени само за да користат здравствено осигурување и сакаат да се дома за да си бидат со децата – вели бизнисменка од угостителскиот сектор која мака мачи да обезбеди работници.

Со проблемот на обезбедување работници се соочуваат и институциите.

– Има институции кои нон-стоп имаат отворен оглас за вработување, а никој не се јавува, бидејќи нема соодветен кадар. За жал, одливот на кадри е во странство и тоа е она што загрижува и на кое треба најмногу да работиме сите заедно – изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски.

Но, свое гледање на состојбите имаат и невработените кои со години се пријавуваат како невработени.

– Ако не ти помогне познанство и партиска книшка нема вработување во Македнија и затоа ми пречи кога слушам изјави дека невработените биле многу пребирливи и не сакале да прифатат работа. Факт е дека пријавувањето во Агенциите за вработување не значи дека и ќе можеш да сметаш на вработување. Значи самиот мора да се јавуваш на огласите. Моето искуство е депримирачко. Имам завршено високо образование. Прво се јавував на огласи за соодветно образование, а потоа кога видов дека никој од работодавачите не ме повика на разговор, дури не ми врати одговор дека нешто недостасува во моето Си Ви, почнав да се јавувам на секави огласи: рецепционер, садоперачка, собарка, продавачка. И после се ми остана само уште еден избор одењето во странство каде што овие вторите избори на работа не ми бегаат – вели Анета Ј. од Скопје.

Голем дел од невработените, пак, сметаат дека во земјава има многу ниски плати за да прифатат некаква работа.

– Ми понудија вработување. Отидов на разговор и таму за се те прашуваат, само не ти кажуваат за колкава плата ќе работиш. Знаеш како оди разговорот? Ќе почнеме од минималната па ќе видиме, нема покривање на патни трошоци, нема надомест за исхрана. Сега минималната е 12.000 денари, но беше и околу 9.000 денари и ако ја поделиш за пат, храна, по некое парче облека за да не изгледаш дека одиш во едно исто не ти останува ништо. Па си велиш поарно мама и тато да ме хранат, отколку дополнително да им барам пари иако работам – вели Олга А. невработена веќе пет години.

Миле Бошков, претседател на Конфедерацијата на работодавачи вели дека проблемот со невработените и иселувањето на работната сила од земјава може да почне да се решава само ако бизнисмените почнат да размислуваат за зголемување на платите, а државата да почне да носи политики со кои се спречува работа на црно и социјална заштита која нема да ги прави мрзливи невработените лица.

– Во Македонија се зголемува вработеноста, но платите не се променети со години. Работодавачите мора да почнат да размислуваат за нивото на платите и да инвестираат во кадарот и развојот за да не се соочуваат со проблемот на обезбедување работна рака – вели Бошков.

Дополнително, додава тој, државата мора да го ослободи бизнисот од товарот на парафискални давачи и да востанови систем на социјална заштита кој ќе биде контролиран и нема да поттикнува мрзливост кај невработените.

– Сега имате минимална плата од 12.000 денари исто колку што од идната година ќе имаме и социјална помош. Реално е да очекуваме дека овие лица ќе сакаат повеќе да земаат социјална помош. Министерката за труд најави дека зголемувањето на износот на социјалната помош ќе биде врзан со излегување на овие луѓе на пазарот на трудот, но мислам дека ќе треба да се направи силна контрола на ова за да не стигнеме до сегашното ниво кога поради социјалната помош невработените одбиваат да работат – вели Бошков.

Одбивањето вработување кај дел од невработените, Бошков го поврзува со фактот што добар дел од нив работат на црно.

– Овие луѓе се пријавуваат како невработени за користење на социјалните поволности, а во меѓувреме работат. Најчесто ги имаме во градежништвото, занаетчиството, земјоделството, но не и во услужните дејности. И на ова поле треба да се работи. Токму затоа ги споменав големите давачки кои ги имаат компаниите посебно микро и малите кои поради давачките најчесто посегнуваат по црни вработувања – вели Бошков.

Според него, оние, пак, кои воопшто не сакаат да работат нема начин да бидат натерани да прифатат некоја работа, но државата мора да им обезбеди еднакви услови на сите граѓани во пристапот до работа.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...