А сега, малку историја. Добро, добро, знам дека на многумина од историјата им се крева коса на главата, зашто човештвото изгледа многу малку научило од неа, а пак оние малку „забеганите“ им ја имаат дополнително одмилено историјата со тоа што или ја повторуваат до бесвест, или ја повторуваат со сите грешки, или ја повторуваат со она што им се сонило, па си купиле можност да ја проповедаат.Но, имајте трпение, историјата има блескави мигови. Како, на пример овој.
Чарлс Канингем Бојкот ( 1832-1897) беше англичанец кого судбината и работата го однесе во Ирска, каде што по службата во војска, стана земјишен агент, односно го менаџираше имотот и работниците на Лорд Ерн, земјосопственик во областа Мејо. И се’ се одвиваше убаво додека еден ден во 1880 година,локалните активисти на Ирската национална земјишна лига ( нешто како денешниве синдикати), во рамките на кампањата на трите Ф ( фер кирија, фиксирана најамнина и фри, односно слободна продажба) не има кажаа на вработените дека имаат права и дека за тие права треба да се борат. Не само редовно вработените на имотот, туку и сезонските работници. Има ова врска со денешнината? Има. Одиме понатаму.
Локалните активисти ги советуваа вработените на Бојкот да апстинираат, односно да му ја ускратат својата работа, односно да не работат, подносно, да не жнејат. И така, и локалното население се солидаризира и почна да го изолира Бојкот во локалната заедница. Кампањата вклучуваше сѐ . Продавниците во соседниот Балинроб не го услужуваа, никој ништо не сакаше да си има со Бојкот. На некои, кои не беа баш сигурни дали сакаат или не сакаат да го игнорираат Бојкот, оние поактивните ги убедуваа со закани и со насислтво. И којзнае како ова ќе завршеше, ако Бојкот со повредена суета не седна и не напиша писмо до весникот Тајмс. Па како е можно слуга на еден лорд да биде жртва на ирски националисти, се распишува весникот откако прати дописници на лице-место? Педесетмина лојалисти на британската круна од Ирска допатуваа да жнејат, а кралски хусари и 1000 луѓе од кралската полиција ги чуваа жнејачите. И така, за жетва вредна 500 фунти, беа потрошени 10.000 фунти, Бојкот отиде да живее во Сафок, а името му остана да означува, па, бојкот.
Има разлика
Што значи да се бојкотира? Основниот наратив на бојкотот , ако e основен,односно активност на потрошувачите-група па потрошувачи, незадоволни или лути поради нешто, одбиваат да потрошат пари кај некој производител. Тие се здружуваат со слични на себе потрошувачи , бојкотот расте, а компанијата страда од намалување на продажбата .Некогаш страда и од намалување на угледот, па компаниите се трудат,преку активности да го намалат негативниот импакт на бојкотот поради користење на детска работна сила во изработката на низните производи.За користењето на слабо платени, измалтретирани, обесправени , уценети работнички во исклучително лоши услови досега никој не бојкотирал, ама можеби вреди да се размисли, м?
И тоа е разликата меѓу едните и другите бојкотирања. Со обичните, вие парите ќе ги потрошите на друго место, но краткорочно,нема да промените ништо. Со подолгорочните кампањи, потрошувачите имаат можност да ја натераат копмпанијата да го промени начинот на работа и на однесување кон бизнисот. Зашто брендот е тој кој што вреди милиони долари, а тоа го почувствуваа на своја кожа оние од Најки кога во деведесеттите години потрошувачите ги бојкотираа поради користење на детска работа сила и постигнаа исклучително ефикасна акција. Точно, продажбата опадна, но компанијата која е светски бренд не сакаше името да и’ се памти како детски експлоататор и работеше сериозно да се рехабилитира. Престана со искористување на децата, вложи многу во одржлив равој, почна на работи на антиципирање на идните можни проблеми и сега е, па видете- лидер во индустријата.
Примери
Пример на лошо менаџирање на бојкот е она со БиПи и нафтената дамка во Мексиканскиот залив. Ова беше и е една од најголемите еколошки катастрфи и бојкотот ја чинеше компанијата милијарди долари штета, смена на дузина директори на врвот и намален углед до ден денешен.
Друга категорија се политичките бојкоти. Некои земји бојкотираа Олимписки игри, други го бојкорираа(т) Израел, трети ја бојкотираат Боцвана. Активистите ја бојкотираат компанијата Амазон поради неплаќање данок, Блуфин туна поради прекумерно ловење- па, туна, неколку компании се изложени на постојан бојкот зашто не се грижат за здравјето на кучињата, неколку компании зашто тестираат лекарства на животни….
Мојата бунда која некогаш безгрижно трчаше низ аргентинските предели, подарок од мајка ми, тажно виси, всуишност не виси, туку некаде е свитката, сплескана и вакумизирана ( да не ја нападнат молци) во некој дел од куќата и се надева на подобри времиња кои нема да дојдат. Ја донесов со мене во Лондон необлечена во време кога во полн замав беше акцијата на бојкотирање на природното крзно.
Активистки шетаа по улиците, и за да го изразат својот став, со боја и со око соколово кое препознаваше прородно крзно на километри оддалеченост, ги прскаа крзната на жените. (Инаку, бојкотот беше успешен, модните креатори денес главно не користст крзно). Се разбира, не ги оправдувам прскачките , тоа беше прекршок и не е во ред. Не се уплашив од тоа, мислам дека бојата на глава ќе им ја истурев ако се обидеа мене да ми го сторат тоа. Ама резултатот беше што со мајка ми отидовме во продавница во Лондон и си купив малку носена ама како нова преубава бунда од вештачко крзно. Ене ја,чека Сибир да стигне во Лондон.