Исклучените ќе настапуваат како пратеничка група под името ВМРО-ДПМНЕ со додавка

6341

Седумте пратеници од ВМРО-ДПМНЕ кои се исклучени од партијата откако гласаа за потребата за уставни измени во Собранието, во иднина во законодавниот дом ќе функционираат како пратеничка група. Ова како што неофицијално дознава Плусинфо, било договорено на синоќешниот состанок на пратениците на кои, како што ни потврдуваат, ќе им се придружи и пратеничката Владанка Авировиќ од Социјалистичката партија.

Се очекува пратениците, во новата пратеничка група да го поканат и пратеникот Панчо Минов од ГРОМ кој, како реакција на разрешувањето на Митко Јанчев од потпретседателската функција на ВМРО-ДПМНЕ, најави дека ќе ја напушти „Коалицијата за подобра Македонија“.

Според нашите извори, во името на новата пратеничка група на кратенката ВМРО-ДПМНЕ ќе се додаде некоја додавка што ќе ја одделува од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, предводена од пратеникот Драган Данев.

Новата пратеничка група на опозицијата ќе ја сочинуваат Емилија Александрова, Крсто Мукоски, Сашо Василевски, Љубен Арнаудов, Нола Исмајлоска-Старова, Зекир Рамчиловиќ, Елизабета Канческа-Милевска и Владанка Авировиќ, со очекување дека ќе добијат поддршка и од Минов.

Формирањето на пратеничката група е согласно Деловникот, а е веќе видена форма на политичко делување во парламентот поттикната токму од ВМРО-ДПМНЕ под чија закрила делуваа дури десет пратенички групи.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...