Најдени се ДНК профили од неколку лица во возилото „опел омега“ кое е доказ во случајот „Монструм“, кои се дадени на препознавање.
– По спроведените ДНК анализи и добиени резултати добиени се ДНК профили полесни за спроведување од четири места во возилото „опел омега“. Наслон за глава десно задно седиште од една машка индивидуа, од рачка за отворање на внатрешна задна лева врата од друга машка индивидуа, површина на ракофатот на предна лева врата од друга машка индивидуа, како и површина на ракофатот од предна десна врата или совозачко седиште, мешавина од ДНК профили од две индивидуи, машка и женска – изјави вештакот Павлина Доневска Стефанов, дипломиран инженер по биологија на денешното рочиште од случајот „Монструм“.
Не биле воочени видливи траги со око од биолошко потекло како крв, отпушоци и слично. Пронајдена била црвена торбичка во возилото од чии рачки биле подигнати два бриса.
– Овие податоци се внесени во ДНК базата за пребарување. Ако имаме споредбен материјал, на пример, примерок од крв, може да се споредат – рече таа.
Од Министерството за правда денеска на рочиштето рекоа дека е поднесено барање за екстрадиција на лицето Алили од Косово во Македонија, но дека одговор сѐ уште не е добиен.