Македонците потрошиле 22 милиони евра за купување од домашните е-трговци

Под насловот „е-Трговија: е-Иднината за еМакедонија!", на конференцијата свое излагање и учество имаат над триесетина говорници, модератори и панелисти од 8 земји.

212

Во првото полугодие од годинава Македонците потрошиле 63 милиони евра за купување онлајн, што претставува пораст од 20 отсто во однос на истиот период од  минатата година, соопшти претседателот на АЕТМ, Нина Ангеловска,  во своето обраќање на првата конференција за е-трговија во Македонија на која се дискутира за тековните состојби, предизвици и идните трендови на полето на електронската трговија.

– Најголем дел од овие трансакции завршиле кај странските етрговци, или скоро 41 милиони евра наспроти 22 милиони евра остварени кон домашните е-трговци – рече Ангеловска.

Министерот за информатичко општество и администрација,  Дамјан Манчевски, пак говореше за потребата од поголемо промовирање на е-трговијата кај корисниците и зголемувањето на безбедноста во тргиувањето на интернет.

– Mораме и можеме да направиме заеднички напори за промовирање на е-трговијата пред крајните корисници, преку подигнување на свеста на граѓаните за придобивките. Граѓаните мора да бидат сигурни дека во процесот на е-трговија нивните податоци се безбедни, трансакциите гарантирани и дека никој нема да ја злоупотреби нивната доверба во системот. Во тој контекст посветено работевме на Стратегијата за сајбер безбедност, а веќе сме во завршна фаза на финализирање на Акцискиот план за сајбер безбедност – изјави Манчевски.

Вања Манова, Менаџер за Бугарија и Македонија во Mastercard,истакн дека е-трговијата е еден од секторите кој што постојано се адаптира на промените на модерното општество, но и креира искуства надвор од зголемените очекувања на потрошувачите.

– Во Mastercard, посветени сме на подобрување на сигурноста и интегритетот на платежниот екосистем и како потврда за тоа ни служи Mastercard Digital Enablement Services (MDES), кој на е-потрошувачите им овозможува избор и леснотија да направат посигурни дигитални плаќања од разни уреди без да размислуваат на сигурност – рече Манова.

Под насловот „е-Трговија: е-Иднината за еМакедонија!”, на конференцијата свое излагање и учество имаат над триесетина говорници, модератори и панелисти од 8 земји.

На конференцијата присуствуваат повеќе од 370 учесници кои доаѓаат од над 120 компании, 7 банки, 6 организации, 8 владини институции и 6 факултети.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...