Од шок бомбите кои биле фрлени во Собрание за растерување на толпата, паднал дел од стиропорот на таванот во холот пред канцеларијата на собранискиот претседател. А со стиропорот, паднатите летви, како и инвентарот, насилниците фрлаат кон ходникот кој води до прес-центарот во законодавниот дом. Ова се случува негде пет минути пред 21 часот на 27 април, покажува снимката од безбедносната камера во холот пред кабинетот на тогашниот спикер Трајко Велјановски.
Во овој дел од Собранието на снимката може да се забележи само сивиот чад, а не и фрлањето на шок бомбите. Фрлањето со предмети на снимката се гледа целосно и во наредните пет-шест минути кога некој ја врти камерата со што половина од кадарот е во таванот.
Од обвинетите, неколку минути пред шок бомбата во споменатиот хол од Собранието се забележува и Борис Дамовски кој бргу се враќа назад кон скалите. Непосредно пред сивиот чад од шок бомбите таму се појавува и Владо Јовановски кој исто така си заминува, па по шок бомбата повторно се враќа во холот пред кабинетот на Велјановски од каде со уште едно лице на раменици изнесува друг маж кој лежеше на подот.
Пред овие настани, некаде после 20 часот можеше да се забележи и првата група полицајци од ЕБР кои се упатија кон прес салата. Снимката од оваа безбедносна камера што трае неколку часа, која почнува од периодот кога толпата влегува во Собрание, се гледа од утрово во Кривичниот суд откако почна рочиштето за случувањата од 27 април.