Основното јавно обвинителство Скопје до Основниот суд Скопје 1 Скопје поднесе Обвинителен акт против едно лице за убиството кај Студеничани.
Осомничениот се товари дека на 18.06.2018 година во с. Студеничани, по меѓусебна расправија, со умисла лишил од живот едно лице.
Според ОЈО, несогласувањата меѓу двајцата започнале два дена претходно, кога сега починатиот со неговото возило марка Форд Караван кај Катланово му го попречил патот на обвинетиот кој бил во своето возило марка Мерцедес. Недоразбирањата продолжиле и следниот ден, а на 18.06.2018 осомниченото лице со своето возило дошло во с. Студеничани каде што бил оштетениот. Двајцата повторно започнале расправија, при што оштетениот со безбол палка го удрил осомничениот во пределот на главата, нанесувајќи му повреди, и веднаш започнал да бега.
„Во тој момент, осомничениот со огнено оружје – пиштол марка ТТ со непознат фабрички број и со калибар 7,62мм испукал повеќе куршуми кон оштетеното лице, нанесувајќи му осум огнострелни повреди. Од здобиените повреди, лицето починало следниот ден во Ургентниот центар „Мајка Тереза” – Скопје“, се вели во известувањето од Обвинитеството и додава дека со огед на тоа што се уште постои опасноста од бегство на осомничениот, заради кој првично му беше определена мерка притвор, надлежниот јавен обвинител достави и Предлог за продолжување на мерката притвор за осомниченото лице.