Кој нема среќа со онлајн шопинг, ќе „шпарта“ по излози

Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо изјавија дека граѓаните добро треба да се информираат и доколку се жртва на измама преку интернет, да поднесат пријава. Оттаму апелираат на внимателност и добро да се провери страницата од која сакате да нарачате нешто, како и да проверите какви искуства имаат луѓето од истата.

582

Расте бројот на граѓани кои се изреволтирани од лажни сајтови и огласи на интернет, на кои кога ќе порачаат еден производ, дома ќе им стаса нешто сосема друго. Некогаш се случувало да им стаса и носена облека, а платиле за нова. Со горчина раскажуваат за измамите на интернет и како некои луѓе може да земат туѓи пари без да си го исполнат својот дел од договорот. Оштетените за Плусинфо велат дека веќе нема да пазаруваат преку интернет, ами наместо тоа, ќе шетаат по продавници и ќе си го купат тоа што ќе им се допадне. Како што велат, така е најсигурно.

Поединци велат дека мислата оти зол човек може да го има бројот од нивната картичка, со која купувале производи на интернет страници, е стравична. Особено бидејќи откако подобро се информирале, слушнале дека некои сајтови ги зачувуваат сите податоци на нивните корисници, па се случувало огромни суми од картичките да бидат потрошени без знаење на сопственикот. „Ти велат си купил перална, ладилник и тостер во странство, а твоите перална и ладилник се стари, а тостер не ни имаш“, била една од приказните на жртва на ваквите измами.

Други раскажуваат дека дале капар од околу 150 евра за домашно милениче од странство, им било објаснето дека ќе можат да си го земат посакуваното пријателче откако ќе наполни четири месеци и откако ќе биде кастрирано. За жал, не го добиле миленичето никогаш, иако платиле и авионска карта повеќе од 300 евра за да отидат да го земат.

Од Министерството за внатрешни работи за Плусинфо изјавија дека граѓаните добро треба да се информираат и доколку се жртва на измама преку интернет да поднесат пријава. Оттаму апелираат на внимателност и добро да се провери страницата од која сакаат да нарачаат нешто, како и да проверате какви искуства имаат луѓето од таа страна.

Специјалистот за односи со јавност и нови медиуми, Бојан Кордалов, вели дека појавата на лажни веб страници за нарачка на производи, како и онлајн страни со лажни вести во фармацевтската индустрија, односно индустријата за здрава храна и естетика, почнала многу порано отколку во политичката и изборна сфера во светот.

– Во изминатата деценија сме сведоци на огромен број вести поврзани со „креми кои ќе нѐ ослабат за неколку дена“, „витамини кои лечат сè и се на природна база“ и слично. Создавачите на овие веб страни ги креираат со цел брзо да се збогатат и да заработат. Тие ги злоупотребуваат социјалните медиуми со цел таквите пораки и броевите за нарачка да допрат до што е можно поголем број на потенцијални купувачи – нагласува Кордалов.

Токму од овие причини, додава тој, подолг период Фејсбук и другите социјални медиуми ги имаат зајакнато политиките за рекламирање во делот на фармацевтската, но и генерално политиките за онлајн продажба.

– Сепак, ваквиот тренд прави непроценливи штети на цели индустрии и придонесува за растечката недоверба од потрошувачите и кон сериозните брендови и компании во земјава и во светот. Исто така, тоа во извесна мера влијае и за недовербата и бавното темпо на раст на електронската трговија на производи и услуги во Македонија. Односно, најголемиот процент од македонски потрошувачи кои купуваат онлајн, тоа го прават исклучиво преку светски препознаени брендови за продажба и дистрибуција – дециден е Кордалов.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...