Газдата на „Секјуриком“ не сакал да пријави дека му изнудувале пари

Адвокатите на обвинетото лице потенцираа дека се запознаени со тврдењето на обвинетиот, но конкретни имиња не биле посочени од страна на обвинетиот во ниту еден момент додека престојувал во Република Македонија. При тоа, адвокатите го советувале, доколку е сигурен во тврдењата да пријави до надлежните органи, но, обвинетиот одбил тоа да го стори.

1034

Јавниот обвинител кој постапува во предметот познат во јавноста како „Секјуриком“, денеска го повика авторот на објавеното интервју на Призма, исто како и лицето В.Г. обвинет во предметот, соопштија од обвинителството.

„Во насока на расчистување на фактите, новинарот даде исказ по однос на наводите во текстот дека располага со имиња на лица кои изнудувале пари од обвинетиот. Во дадената изјава во обвинителството, авторот истакна дека освен објавените тврдења не располага со друг доказен материјал за наводите на обвинетиот. Со цел да се испитаат ваквите тврдења, обвинителот ја запозна одбраната на обвинетиот со содржината на интервјуто и побара да достави докази и информации што ќе помогнат во утврдување на вистинитоста на наводите. Адвокатите на обвинетото лице потенцираа дека се запознаени со тврдењето на обвинетиот, но конкретни имиња не биле посочени од страна на обвинетиот во ниту еден момент додека престојувал во Република Македонија. При тоа, адвокатите го советувале, доколку е сигурен во тврдењата да пријави до надлежните органи, но, обвинетиот одбил тоа да го стори“, пишува во соопштението од обвинителството.

Во текот на истражната постапка што се водеше за предметот „Секјуриком“, надлежниот обвинител, велат оттаму, ги сослуша осомничените и сите одговорни лица во својство на сведоци. Дадениот исказ на обвинетиот, според обвинителството, не укажува на ниту една околност наведена во интервјуто, односно дека тој или било кој од управителите на фирмите во негова сопственост биле жртви на изнуда во Република Македонија.

Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција веќе ја информираше јавноста за соработката преку меѓународна правна помош со Јавното обвинителство на Република Австрија кое исто така води постапка против обвинетиот. Надлежниот обвинител очекува повратен одговор од исходот на тамошната постапка што Јавното обвинителство Санкт Пелтен ја води против В.Г. заради соизвршителство во кривично дело проневера.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...