Среќен крај доби приказната со бебето кое мајката вчера речиси веднаш по раѓањето го оставила кај својата мајка во Стар Аеродром и си заминала. Мајката супербрзо се породила, велат лекарите, и затоа немало време таа да стаса ни до врата, а камоли до клиника. Ова ѝ е „прво па машко“ дете на родилката која е постара од 30 години, а која не се откажува од своето синче, кое е сместено на Детската клиника, додека таа од синоќа е на Гинекологија.
– Оваа пациентка се породила во домашни услови бидејќи се случила т.н. нагла експулзија на плодот, или супербрзо породување при кое, по бебето, брзо излегле и постелката и папочната врвца. Вакви породувања се случуваат и се сметаат за најлесни, но носат и одреден ризик – имаше случај жена да влезе во када да се искапе, а таа се породила… Мајката е во добра општа состојба и денеска таа разговараше и со нашиот социјален работник и со психологот. Породувањето е малку пред терминот, а станува збор за контролирана и посакувана бременост. Мајката си го сака бебето и ќе продолжи да се грижи за него. А таа ќе остане на нашата клиника сѐ додека не закрепне – изјавија од Клиниката за гинекологија.
Оттаму појаснија дека мајката заминала на преглед прво во приватна болница од каде ја упатиле на Клиника.
Социјалниот работник и психологот денеска не ја однеле пациентката да го види синчето на Детска клиника, бидејќи сметале дека таа прво треба да закрепне, а најверојатно ќе може да го види утре или задутре.
Како што објавивме, родилката е од Велес, а за овој драматичен случај, кој од вчера ја вознемири јавноста во земјата, биле алармирани и социјалните работници во велешкиот центар.
Бебето, кое било донесено во состојба на дехидрираност вчера на Детската клиника, но без знаци на повреда, како што отпрвин имаше сомнежи, за среќа, сега е во стабилна состојба и веќе почнало да се храни. Бабата го пријавила случајот во полиција.
Повеќе
Бебето дехидрирано лежи на Клиника, по мајката се трага