Царинската управа го рестартира концептот Овластен економски оператор

Се очекува околу 150 компании да аплицираат за оваа алатка на Царинската управа.

543

Само две компании аплицирале за лиценца Овластен економски оператор иако оваа алатка Царинската управа ја најави пред пет години. Ова го соопшти денеска директорот на Царинската управа Ѓоко Танасоски на презентацијата на алатката пред бизнисмени од Сојузот на стопански комори.

– Едната е шпедитер, а другата производител. Тие се во процедура и зависно од условите кои ги дале можат да го добијат одобрението за најмалку 30 и најмногу 120 дена – рече Танасоски.

Концептот „Овластен економски оператор“ Царината го најави пед пет години, но дури во јуни годинава со измени на Законот за царина се создадени услови за целосна имплементација.

Вината за тоа Танасоски ја гледа не само во Царинската управа која не ја промовирала доволно оваа алатка, туку и во компаниите кои не пројавиле интерес.

– По измените на законот во јуни сега се во тек измени и на Уредбата за спроведување на Царинскиот закон со што ќе биде заокружена правната рамка за воведување на Овластениот економски оператор. Истовремено, ние како Царинска управа започнуваме со низа промотивни активности за подигање на нивото на запознавање на компаниите – рече Танасоски.

Претседателката на Сојузот на стопански компри, Данела Арсовска, смета дека најважно е тоа што процесот тргнал, а компаниите кои се извознички или кои се занимаваат со транспорт со добивањето на оваа лиценца ќе бидат препознаени како бренд со квалитет еднаков на европскиот.

– Придобивките за стекнување статус на Овластен економски оператор кај компаниите се бројни од аспект на олеснување и забрзување на трговијата, промовирање на извозот и економскиот раст. Поточно, компаниите кои ќе се стекнат со статусот оператор, ги задоволуваат предвидените законски критериуми и се сметаат за безбеден и сигурен партнер во трговскиот синџир на снабдување. Од друга страна, стекнувањето со овој статус за домашните компании е исто така предизвик, затоа што станува збор за процес на имплементација на високи стандарди – рече Арсовска.

Таа очекува во земјава 150 компании можат да ги достигнат условите кои се бараат за оваа лиценца.

Од Царинската управа најавуваат дека во ноември во рамики на ЦЕФТА договорот  треба да бидат усвопени правилата за меѓусобно признавање, а во тек е и нивно меѓународно признавање.

Концептот на Овластен економски оператор е еден од инструментите за олеснување на трговијата. Овој концепт е одамна промовиран од страна на Светската царинска организација и прифатен од многу држави, тој опфаќа подобности за овластен економски оператор во државата и надвор од државата.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...