Во Собранието на Република Македонија денеска ќе се одржи 37. седница по повод 75 години од депортацијата на Евреите од Република Македонија во логорот на смртта Треблинка. По оваа седница закажано е продолжување на 35. пленарно заседание.
На дневен ред на продолжението на 35. седница се повеќе закони предложени од пратеници од владејачкото мнозинство. Пратениците треба да се изјаснат за измените на Законот за вештачење, на Законот за матичната евиденција, на Законот за унапредување и заштита на правата на припадниците на заедниците кои се помалку од 20 отсто од населението во Република Македонија, на Законот за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права, на Законот за управување со конфискуван имот, имотна корист и одземени предмети во кривична и прекршочна постапка, на Законот за заштита на личните податоци, на Закон за основање на Агенција за странски инвестиции и промоција на извозот на Република Македонија, сите во прво читање. На дневен ред се и измените и дополнувањата на Законот за трговските друштва, на Законот за Геолошкиот завод на Република Македонија, на Законот за производство и промет на вооружување и воена опрема, измени на Законот за гранична контрола, сите во прво читање и други.