Три лица се потешко повредени во три од 16 сообраќајни незгоди што се случиле изминатите два дена во Скопје. Во 12 сообраќајки со телесни повреди се здобиле девет лица, а во четири била причинета материјална штета.
Од СВР Скопје информираат дека во двата дена сообраќајната полиција открила и казнила поголем број прекршоци. Педесет и пет возачи се движеле со брзина поголема од дозволената, деветмина возачи поминале на крстосница на црвено светло, седуммина не дале првенство на минување на пешаците на одбележан пешачки премин. Двајца возачи неправилно се престроиле, а двајца неправилно престигнувале.
Казнети биле и тројца пешаци кои поминале коловоз вон пешачки премин.
Од сообраќај биле исклучени 42 возачи, од кои 13 го управувале возилото под дејство на алкохол, 27 возачи пред да се стекнат со право на управување и двајца возачи почетници. Биле откриени и 29 нерегистрирани возила.
Непрописно биле паркирани 146 возила. Со помош на специјалното возило пајак, отстранети биле 72 возила.
Денеска Одделението за превенција при СВР Скопје ќе реализира едукативни работилници во ООУ „Кирил и Методиј“ во општина Центар со ученици од четврто одделение, а во рамки на сообраќајно-воспитниот проект „Да ги заштитиме децата во сообраќајот“.