Како, во далечното време на „народната демократија, изгледаа првите чекори на АСНОМ-ска Македонија во склопот на ФНРЈ тогаш, како и сите земји од источниот свет, членка на Варшавскиот пакт на чело со СССР? Сегашните млади, оние во зрела доба но и луѓето со „прекршени“ години можат многу да научат од уметничката проза на Живко Чинго: „Пасквелија“, „Нова Пасквелија“ и „Големата вода“. Да, секако, литературата не е историја ниту може да биде. Ама таа зборува поубедливо и повпечатливо од „сувата“ нарација на историјата (Аристотел). Накусо, тоа е времето на безмилосната ОЗНА, железна тупаница на авангардата-КПМ, верна верзија на Лениновата ЧЕКА.
Потоа уследи времето на изолоција на ФНРЈ од Варшавскиот пакт по историското „не“ на Јосип Броз Тито во 1948. Дека нешто крупно се случува со светот околу мене и со светот во луѓето можев само да почувствувам. Но не и да разберам. Бев дете на три-четиригодишна возраст. Се сеќавам живо дека, со дедо ми почнавме да одиме во куќата (над полициската станица, ја викаа „конак“) на еден кроток Турчин Ибраим. Оттаму се враќаваме со „шарвета“ пченкарно брашно од кое се правеше или качамак или се месеше леб. Тоа биле скудни времиња со закана од глад. Беа прекинати сите „економски и трговски врски“ со земјите на „народната демократија“. Тоа го дознав дознав подоцна.
Времето на општа, насилна колективизација како политички одговор на Тито кој на дело го убедуваше баќушка Сталин дека КПЈ, иако стигматизирана како еретик, држи до строгата прямолинейность (партиска линија) го помнам по два настана. Едниот е на ура калемењето „горнички“ на падините на Карабалија, планина која го дели Дојран од Богданци. Вториот е подигањето оранжерии на дрвени носачи кои ги посети Тито со Јованка, како и крушките под Карбалија.
Можев да го видам тогаш одблизу омилениот, култен водач. Јас бев во училишниот хор кој му ја испеа југословенската химна. Трајче Попов, татко на режисерот Столе Попов, направи документарец за тој настан на кој се гледа како Тито ѝ шепоти нешто на Јованка. Моите Богданчани брзо го дешифрираа тој интимен шепот. Наводно, Тито ѝ рекол: „Дај бре, Јованка, распизди једном ту твоју распиздаљку!“ – газоза со затворач со жичен механизам. Таа газоза тие ја викаа – распиздаљка. Тогаш го кркнав, так нормально, и својот прв сендвич со кашкавал и салама. Добивме сите хористи и по една распиздаљка.
Јас бев гимназијалец кога Чинго го објави својот прв расказ („Приказна за Завојката“) во „Студенски збор“. Беше нешто друго од тогаш веќе доминантниот ултрамодернизам. Се ширеше како грип меѓу гимназијалците преку „Млад борец“. Основите на тој модернизам ги усвојував од „Есеи“-те на Г. Старделов. Неговите „Есеи“ вриеја од „квинтесенции“, „вехеменции“, „вируленции“ итн. Кога во една писмена по јазик и литература се послужив со нив, добив кец голем колку бандера. Тоа ме натера да гледем со недоверба кон тој модернизам. Старделов, понятно, падна многу во моите очи. Оттогаш па наваму не се издигна. Не да не се трудев да го издигнам. Ама, ете, не одеше и тоа ти е – тоа!
Значи, времето на либералниот комунизам го живеев како гимназијалец. Неговиот крај го доживеав како студент на Филолошки факултет. Беше јули или август. Бев купил „Нова Македонија“ на која, на целата, прва страница имаше нешто како извештај од седница на Бриони на која падна главата на тогашниот шеф на југословенската тајна полиција Александар Ранковиќ. Имаше, ако не се лажам, и фотографија на К. Црвенковски како шеф на комисија која поднесла извештај за таа брионска седница, во кој се документираат „застранувањта“ на тајната полиција од строгата партиска прямолинейность.
Тоа беше време кога бев опседнат со романите на Ф.М. Достоевски. Тој мe натера ги исчитам Стариот и Новиот Завет. Во Стариот има многу поуки кои повикуваат на насилство – „око за око, заб за заб“. Но и такви кои повикуваат на воздржување: „Кој вади меч, од меч и ќе загине“. Се сеќавам добро дека мојата прва реакција на таа долга уводна статија во „Нова Македонија“ беше: “Што му требало на Крсте да се нафаќа да биде шеф на комисија?“ За мене, тогаш беше тој ангел со пламен меч во својата рака кој ќе загине од истиот меч. Беше тоа вид мое интимно, внатрешно пророштво. Се оствари набргу, кон почетокот на седумдесеттите со славната седница во Караѓорѓево. На таа седница паднаа хрватските, српските итн. либерални комунисти. Со нив падна и Крсте.
Верувам, господа мои, вие веќе се прашувате што сакам да кажам кога ве запознавам, онака згора-згора, со овие епизоди од мојот живот. Веднаш да ви кажам: ништо ново и ништо особено. А можеби и сами се досетувате. Со тие мои „епизодички“ (Чинго) сакам на свој, особен начин, да потсетам дека сегашните чистки (А. Николовски: „очистување“ и „прочистување“) во ВМРО-ДПМНЕ се еден erga omnes молотов коктел од: железната ОЗНА-тупаница на АСНОМ-ска Македонија, од егзорцизмот на баќушка Сталин, од онаа распиздаљка во раката на Јованка од која не мора да (про)излезе освежителен дух, од свилениот гајтан или од тупаницата во кадифена нараквица на либералните комунисти итн.
Сепак, ми се чини дека во тој молтов коктел, сега во рацете на водачот на ВМРО-ДПМНЕ Мицкоски, доминира духот на онаа распиздаљка која, како што можев да видам како дете, а со свои очи, сепак се колебаше да ја отвори Јованка спроти која седеше тогаш ортодоксниот Александар Ранковиќ. Таа распиздаљка е наша, локална верзија на Пандорината кутија. Кутијата ја отвори Мицко. Падна и главата на Сашо Мијалков, анатичко-авторитарна верзија на Ранковиќ зад стиропор-демократска фасада. Падот на таа глава најавува безмилосна, крвава братучедоубиствена војна во сегашна Македонија пред портите на НАТО и ЕУ. Што мислите? Може ли главата на оној што распиздува распиздаљка да остане на рамена подолго од главата на братучедот–ВМРО-реална власт Груевски? Мојата прогноза е скептична. Кој вади меч од меч и ќе загине!