Немаше потреба од магии и посебна моќ за да се предвиди што ќе се случува со и во ВМРО-ДПМНЕ по гласањето за уставни промени доцна навечер на 19 октомври. Утрото, пред големата одлука, кога рускиот играч Мицкоски остана без осум пратеници, напишав „Среќен нека ви е денот на ВМРО. На тој датум веројатно и ќе се распадне ДПМНЕ. Празнично.“ (РАФАЛ: „Македонскиот политички надреализам“) Да, токму на денот кој сите сме принудени да го славиме како национален празник. А тоа да ти бил верско-окултен празник на кој партијата „доживува катарза“, според зборовите на малкуте преостанати верници , Александар Николовски.
Провинцискиот Нерон
Мицкоски остана и без учесниците во крвавиот напад врз Собранието кои сфатија дека биле топовско месо за спас на Груевски и Фамилијата. Останаа и без едниот громовац, иако тоа е навистина невидлива гребнатинка, колку што партијата им е невидлива и безначајна, без оглед на огромното богатство на вулгарниот квази-политичар и метеоролог од Подржи Коњ. Тоа што најмногу ја потресува партијата е сплитот во Фамилијата – караницата меѓу братучедите Мијалков и Груевски.
Провинцискиот Нерон на политичката сцена, послушник што нема сенс за политика, ниту за лидерство, во настап на својата жестина реши да мавта со партискиот печат и да дели исклучувања во највисокиот партиски ешалон, прво Петар Богојевски и неколку други, а во пресрет на празникот им – Митко Јанчев, Костадин Богданов, пратениците што гласаа за уставните измени, Никола Тодоров, па и моќниот Сашо Мијалков. Мицкоски и неговите најблиски послушници тргнаа во тотална војна, бранејќи го последниот политички бункер во кој се наоѓа стуткан и преплашен, правосилно осудениот и „упатен“ во затвор Никола Груевски.
По остриот раб на ножот
Сега навистина останува вака распаднатата Фамилија и нејзините верници да се потпрат врз „сенародниот отпор“ на десните левичари, удбаши и очајни професорки, петпарачки петлиња и кокошки од дното на политичките кариери и лоши глумици.
ВМРО-ДПМНЕ оди по остриот раб на ножот. Расколот беше очигледен со појавата на првата постава на Реформаторите, а може да се каже и порано, со групата собрана околу Јове Кекеновски.
Сега настапува периодот на (полу)распаѓање на партијата, а не катарза, како што сака да верува Николовски.
ДПМНЕ на суд?
Има најмалку три правци во кои може да се развива оваа мачна и мрачна политичка сапуница. Најневозможната од сите е ситуација во која ВМРО-ДПМНЕ како партија во целост може да биде соочена со тешка одговорност за сите недела, криминали и предавства на националните интереси во изминатите години, па и децении.
Последното од таа низа би била одговорноста на ВМРО-ДПМНЕ, како правно лице и организирана структура, за крвавиот напад на Собранието. Во тој случај, ќе се доведе во прашање целокупното постоење на оваа партија како правно лице на политичката мапа на земјата. Но, нема такво правосудство во Македонија, што би се надминало себеси и би започнало и завршило еден таков процес.
Притоа, ако таквото правосудство е праведно и неселективно, ќе мора да го фрли својот поглед и на сите останати политички партии во земјата… Е, тоа би била катарза!
Убавото лице на ВМРО-ДПМНЕ
Вториот правец во кој може да се развива состојбата со оваа партија би било сосема спротивно на ова сценарио, а тоа е, партијата да смогне сили и да се реорганизира и демократизира, на нејзино чело да застанат модерни демократи без криминално минато. Да ја постават партијата на нозе и да зачекорат кон европската иднина на Македонија, нудејќи ги сите свои квалитети, преку квалитетен кадар, за прогрес. Оваа партија може да има и убаво лице.
Такво ВМРО-ДПМНЕ, консолидирано, рехабилитирано, модернизирано и демократизирано може да стане лидер во земјата. Тоа ново и убаво лице на модерна конзервативна партија може да стане пример и поттик да се напушти концептот на султан партии кој не е својствен само за ВМРО-ДПМНЕ.
Не е невозможно, но премногу е тешко.
Казабланка
Тоа што е поверојатно од оптимистичкото сценарио е дека ВМРО-ДПМНЕ ќе се распадне на повеќе фракции што ќе орбитираат околу богатството и влијанието на партијата. Старо нови кадри ќе ја претворат партијата во своевидна Казабланка во која ќе се преплетуваат криминални, бизнис и политички интереси, како домашни, така и странски.
Ова секако не исклучува и тепачки, возење во гепек и ликвидации во наредниот период. За тоа време, Савевски и Бачев ќе веат руски знамиња, предводејќи ги „радикалните масовни протести“ од по 10-15 лумпен радикали низ цела Македонија, означувајќи го крајот на тоталната војна на Груевски, Мицковски и „остала пијана братија“.
Тука ќе влета и лошо сфатениот и уште полошо изведениот процес на помирување, што многумина (па и јас) веќе го сфатија како амнестија. Каша-попара. Што се однесува до разликата меѓу помирувањето и амнестијата што (веројатно) ќе избледи, допрва ќе бидеме неволно втурната публика во циркуската арена Македонија. Нека ни е со лесно…