Кога старата, трошна и руинирана куќа односно колиба се распаѓа, а во ситуација кога имате ограничен буџет и кратко време, неопходно се поставуваат повеќе дилеми и сте исправени пред повеќе предизвици. Се работи за ситуација каде сопствениците на старата куќа немаат друг дом и едноставно не сакаат да ја продаваат старата куќа и да се преселат во друг дом. Истите тие се свесни дека изградбата на новиот дом ќе биде одложена за одредено време, а притоа не сакаат своите роднини и пријатели да ги оптоварат со своите проблеми, па си велат ќе си се прибереме некако сите на куп. Затоа се донесува одлука експресно да се подигне нова структура на темелите на старата куќа.
Што треба прво да се направи во една ваква ситуација?.
Прво, мора да води сметка на надворешниот изглед на куќата и секако на материјалите од која ќе биде изградена истата. Дизајнот и структура на новата градба треба да биде модерен и личен. Да свети, ама не толку многу да сјае. Од многу сјај се заслепува. Потребно е да се изострат сопствените сетила и да се погледне кои од материјалите се на дофат и кои можат повторно да се употребат. Се работи за материјали кои се природни и кои биле таму од памтивек и одолеале на забот на времето.
По расклопување на дрвената постава на старата куќа, станува јасно дека нејзините ѕидови, изградени од трупци се дотраени и скапани. На некои места дрвото се претворило во ѓубре. Термитите си го сториле своето. Јасно е дека продолжувањето на градбата на истите тие ѕидови е неразумно, зошто последиците може да бидат ужасни, плус може да чини прескапо. Затоа се рушат преградните зидови се отстрануваат дотраените тапети и поликолор на зидовите. Се оставаат само страничните четири ѕида на старата куќа со покривот, зајакнати со нови потпори. Притоа се прошируваат предните и задните тераси и се отвараат нови прозори, да да имате подобар видик.
Бидејќи во нормалните домови животот се одвива околу огништето, ова е една од оние места во куќата каде што треба да се вложи најповеќе напор. Огништето треба да биде функционално и да ја грее целата куќа. Покрај огништето се прави кован сандак за складирање квалитетно дрво. Друга важна точка која мора да се истакне е кујната и спалните соби каде што треба да се погрижите од какви материјали истите ќе ги изградите. Се работи за употреба на современи материјали и технологии за да се постигнат најдобри стандарди за квалитет, безбедност, сигурност и удобност.
Конечно, мора да се мисли и за пристапниот пат до куќата. Патот мора да биде изграден од мермерен камен. Тој највеќе може да оддолее на сите временски непогоди. Не е лошо покрај патот да се засади и понекоја лоза за да има сенка во текот на летото, но и да застанете под нејзе кога врне дожд или снег во есен или зима.
И на крајот се поставува прашање што станува со шутот, кој во ваква ситуација се мери со стотици кубици. Што ќе се прави со него. Секако дека шутот експресно мора да се однесе на првата депонија. Она што лесно гори се пали и станува пепел, а останатото се потрупува со ред песок, ред земја, и потоа се рамни.
Ако се постапи на ваков начин куќата е спремна за вселување и правење веселба. Се друго е импровизација.