Коѕијас: Каков сосед сакаме, под влијание на Турција, поделен меѓу Албанија и Бугарија?

2144

Каков сосед сакаме, под влијание на Турција? Поделен меѓу Албанија и Бугарија?, се праша поранешниот министер за надворешни работи на Грција, Никос Коѕијас за време на неговиот говор од градот Ираклио на грчкиот остров Крит, осврнувајќи се на прашањето за името, преговорите и решението меѓу двете земји.

Како што јави дописничката на МИА од Атина, Коѕијас говореше на настан организиран од неговото Движење на идеи и активности Прато и ги опфати сите аспекти во грчката надворешна политика.

– Сакаме најблискиот наш сосед да е под влијание, под контрола на трети сили како што е Турција? Сакаме, како што сакаат некои, распаѓање на една држава на Балканот, да ја дестабилизираме и да се подели оваа земја меѓу Бугарија и Албанија? Или сакаме да имаме стабилност на Балканот, стабилност на границата, развој на влијанието на нашата земја во регионот и да можеме да правиме сојузништво?, се запраша Коѕијас.

Говорејќи за односите и позициите на Русија, поранешниот шеф на грчката дипломатија рече дека решението на проблемот меѓу Македонија и Грција и промената на името не е за „Северна Македонија да влезе во НАТО“, туку затоа што тоа е решение на еден проблем и за Грција е од национален интерес.

– Русија смета и не сака да постои држава што се вика ПЈРМ и да се интегрира во НАТО. Решението на името не се дава за да се интегрира ПЈРМ во НАТО. Премиерот многу внимателно го кажа она што го велиме во Министерството за надворешни работи и го повтори во саботата во неговата изјава, кога ја презеде функцијата, дека за нас е национален интерес ПЈРМ да го смени името, да се стабилизира и да се тргне од прегратката на Турција. Ако самите сакаат да влезат во НАТО тоа е нивно право. Русија се вмеша меѓу нашите национални интереси и она што го сака за НАТО, рече Коѕијас.

Во овој контекст, поранешниот министер за надворешни работи на Грција, истакна дека во преговорите не треба да се дозволи вмешување на многу страни, бидејќи така нема да се најде решение

–  Јас му реков на Нимиц, на претставникот на ОН, ќе доаѓаш, кога ќе имаме проблем или кога ќе имаме решение на проблемот, кога ќе треба ОН да помогнат, рече Коѕијас и додаде дека во преговорите за името, не дозволил на никој да се вмеша и да учествува освен него, министерот Димитров, премиерите на двете земји и експертите.

Како пример за тоа колку е важен ставот околу договорот од Преспа, во однос на тоа дали е добар или не, поранешниот шеф на грчката дипломатија го спомена Теодорос Карипидис, префектот на грчката област Западна Македонија. Пред четири години, движењето на Коѕијас, за разлика од СИРИЗА, ја поддржало кандидатурата на Карипидис за префект.

– Сега ние не го поддржуваме, СИРИЗА го поддржува. Прашање: Зошто ние не го поддржуваме? Бидејќи се постави и гласаше против Договорот од Преспа на советот на префекти. Или веруваме во Договорот од Преспа или не веруваме. Тој не е за префект. Можеби е за градоначалник, за општински советник, за пријател во таверна, но за префект кој е точно под ПЈРМ и вели дека договорот е предавнички, јас не можам да го поддржам, објасни поранешниот министер за надворешни работи на Грција.

Никос Коѕијас, на двочасовниот настан, говореше и за неговата оставка, за работата на владата, но и за Каменос.

Рече дека, тој лично верува дека со неговата позиција го одбранил неговото достоинство, достоинството на земјата и на владата.

– Многумина велат, и тоа од левицата, Коѕијас го стави „јас“, пред „ние“. И јас прашувам: не знаев дека Каменос е „ние“ во левицата. Ме збунија, истакна Коѕијас.

Во однос на политиката што треба да ја следи владата, рече дека не треба да се поставува како дел од проблемот, туку „грчката влада треба да ги решава проблемите“.

– И второ, никој не може да оди во странство и да го кажува она што го мисли. Нека си ги земе пријателите нека оди на турнеја, нека си ги земе пријателите нека оди во некој ски центар. Не говорам конкретно. Не говорев и не говорам за личности. Тоа го споменувам како принцип. Кога гледам дека, според моето мислење се поткопува владата, дека, според моето мислење, се поткопува надворешната политика. Според моето мислење, бидејќи си поднесувам оставка според моето мислење, а не поради мислењето на другиот. Тогаш, треба да застанам од другата страна и да преземам одговорност, истакна Коѕијас.

Поранешниот министер за надворешни работи на Грција, од просториите на трговската комора на грчкиот остров Крит, говорејќи како лидер на Прато, рече дека сега е време за нови сојузништва, дека него и неговото движење, никој не може да ги замолчи, а тој лично „ниту уценува ниту може да биде уценет“.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...