Пуч во ВМРО-ДПМНЕ? Напиша колегата Сашо Орданоски. Додуша, пред да му биде познат исходот на седницата на Централниот комитет на партијата и чистката што ја спроведе претседателот Христијан Мицкоски.
Не бе, друже Сашо, работава со ДПМНЕ не е пуч, туку – чуч!
Едно јајце муќ, сите деца – чуч! Како во онаа детска песничка „Ринге ринге раја“, во која, нели, дошол чичко Паја, па појео јаја, па едно јајце било сматок. Кога ја пеат оваа песна, децата се држат за раце, се вртат во круг и кога ќе речат „чуч“, клекнуваат. Останува да стои оној „муќ“, сматокот.
Интересно е дека оваа песничка има и лондонска верзија од 17 век. Се вика „Прстен од рози“. Црвениот прстен од рози ги симболизира првите симптоми на чумата – црвенкасти кругови на кожата. Во првата строфа од песната децата (розите) се вртат во круг (прстен), киваат (исто така симптом на опаката болест) и сите паѓаат како покосени, но во втората строфа децата јадат лековити билки, оздравуваат и – скокаат.
Нашата балканска верзија на истава песничка е помалку морбидна, но кога ќе се чучне – тешко се станува. Нема втора строфа. Како и да е, таа едноставна игра сега се игра и во ВМРО-ДПМНЕ.
Имено, како што сега стојат работите, постојат големи шанси сматокот во ВМРО-ДПМНЕ да е тој што прв театрално клекна пред народот, а потоа ја поведе својата партија во опасна криза и во меѓународна изолација. Тоа е лидерот Христијан Мицкоски, кој не отстапува од намерата да го урне двотретинското мнозинство во парламентот, постигнато со гласовите на осумте одговорни пратеници од неговата партија. Здравото јадро кое утре треба да биде зародиш на евроатлантската политика на нашата десница.
Лесно му е на Мицкоски да извојува победа на Централниот комитет под негова доминација и да ги исклучи сите за кои смета дека му пречат во остварувањето на неговата „тврда линија“. Мијалков, Јанчев, Тодоров, Богданов… Само Груевски, ако добро разбравме, сѐ уште се есапи за „светец“.
Но, секој исклучен – потенцијален непријател. Секој пратеник од кој се бара оставка – независен пратеник. И не само тие. Илија Димовски, на пример, кој остана тврдо против Договорот од Преспа, јавно изјави дека сепак не се согласува со излоционистичката политика на лидерот. По исклучувањето на бизнисменот Митко Јанчев, Панчо Минов од ГРОМ најави дека ја напушта пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ…
Кој знае дали тука ќе биде крајот. Партијата евидентно се осипува. Опасна чума ја има зафатено. И не се гледа јунак чумата да ја пропади. Затоа, она што сега се случува во ДПМНЕ, сепак не е пуч, туку баш – чуч. Сите умни и разумни вмровци, колку што ги има, вклучени и исклучени, сега ќе чучнат малку, да одморат и да видат како ќе се снајде прилично осамениот Мицкоски во улогата на сматок.
Оти чичко Паја (Палмер) веќе дојде, одби да го „помириса“ сматокот (како и веќе компостираниот шеф на државата, оној Иванов), ама затоа ги џапна здравите јајца. И сега ќе легне врз нив, ќе ги заштити и ќе ги квачи. Се знае после што ќе се испили. Џабе катарза, џабе кокодакање, дами и господа од комитетот!