Гласот на пратениците е и глас против нови политички кризи. Светот го виде и го препозна тоа. Сите наши сојузници ја поздравија покажаната државничка одговорност на пратениците. Одлуката на пратениците е поттик да ја отвориме следната страница на убавата историја на нашата земја. Да почнеме да ги испишуваме идните настани со политичко помирување, простување и обединување. Тоа ни е потребно како никогаш досега, порача премиерот Зоран Заев на заедничката прес-конференција со заменик помошникот државен секретар на САД, Метју Палмер.
Заев рече дека има голема верба дека граѓаните можат да му покажат на светот оти ова е период кога ќе се обединет околу своите стратешки интереси.
– Сега е момент да си покажеме и себеси дека сме одговорно општество кое знае кога да го остави минатото на делби позади нас. Помирувањето и обединувањето тргнаа од Собранието. Да им дадеме шанса да стигнат до сите ткива заразени со делби во нашата земја – рече премиерот.
Тој рече дека со Палмер се согласиле дека одлуката на 80-те пратеници има историско значење. Одлука на пратениците и од позицијата и од опозицијата да се отвори постапка за уставните измени со цел да се реализација Договорот од Преспа, рече Заев, уште еднаш ја потврди евроатланската определба на нашата земја.
– Пратениците храбро преземаа одговорност, испишаа историја и ја отргнаа Република Македонија од заканата повторно да се врати од темното минато, го спречија ризикот на нова изолација која овој пат ќе добиеше катастрофални димензии за земјата. Наместо тоа, храбрите и одговорни народни избраници со својот глас ја докажаа подготвеноста да ја остварат својата визија, а тоа е Македонија да стане членка на НАТО и да ги започне преговорите со ЕУ – изјави премиерот.