Некогашната американска кошаркарска ѕвезда Денис Родман денеска ги пофали лидерите на САД и на Северна Кореја, Доналд Трамп и Ким Џонг Ун за најавената заедничка средба.
– Голема почит за претседателот Трамп и маршалот Ким Џонг Ун поради скорешната историска средба. Јас во 2014 година реков: „Вратата ќе се отвори“, напиша Родман на Твитер.
Според Вашингтон пост, Родман до оваа недела беше единствениот човек на светот кој се сретнал со двајцата лидери.
Поранешната ексцентрична ѕвезда на Чикаго Булс и Детроит Пистонс во Северна Кореја престојуваше најмалку пет пати. Последен пат во јуни 2017 година, кога на еден севернокорејски министер му даде примерок од книгата на Трамп „Art of the Deal“.
Родман во 2014 година беше критикуван бидејќи му пееше роденденска песна на својот „доживотен пријател“ Ким Џонг Ун.