Од рак на дојка во Македонија годишно умираат 279 жени, или 27 на 100.000. Најголем број од смртните случаи се на возраст од 55 до 59 години. Превенцијата вклучува самопреглед на дојките и мамографски преглед со цел болеста да се открие во претклинички стадиум. Минатата година се регистрирани 218 случаи на рак на дојка кај жени и четири кај мажи. Петнаесет нови случаи се пријавени кај млади жени на возраст под 40 години.
Ова беше истакнато на прес-конференцијата на Институтот за јавно здравје на Република Македонија по повод „Октомври – Месец за свесноста за рак на дојка”.
Раководителот на Секторот за промоција, анализи и следење на незаразни болести при Институтот за јавно здравје, проф. д-р Елена Ќосевска, рече дека изготвен е план на активности. Надлежните подготвиле плакати, брошури и упатство за самопреглед на дојките, кои преку 10-те центри за јавно здравје се дистрибуираат до речиси сите здравствени установи.
– Сите жени на возраст од 50 до 69 години кои немаат симптоми имаат можност да направат бесплатен мамографски преглед заради евентуално откривање на ракот на дојка во неговиот претклинички стадиум. Предност имаат жените кои ќе бидат повикани, а немаат регулирано осигурување. Доколку не успеат да добијат термин годинава, програмата продолжува и следната година – посочи Ќосевска.
Појасни дека мамографски прегледи се прават во 22 јавни здравствени установи, во Здравствената станица Железара, девет здравствени домови, осум општи болници, три клинички болници и во Универзитетската клиника за радиологија каде има дигитални и аналогни мамографски апарати.
Раководителот на Центарот за статистичка обработка на податоци, публицистика и едукација при Институтот за јавно здравје, Вјоса Речица рече дека една на секои осум жени може да развие рак на дојка. Началникот на Одделението за следење на незаразни болести при Институтот, Тања Лековска-Стоицовска, истакна дека самопрегледот на дојките треба да биде детален и редовен.
Ќосевска појасни дека кога почнала програмата во вид на кампања, кај многу поголем број жени ракот на дојка бил дијагностициран во напреднат стадиум, а за разлика оттогаш, сега е поголем бројот жени кај кои болеста порано се дијагностицира – во прв или втор стадиум.
– Со новата програма за рано откривање на ракот на дојка предвидено е податоците кои ќе ги собере Управата за електронско здравство во јануари в година да ги достави до Институтот за јавно здравје. Ние ќе направиме нивна обработка и ќе излеземе со извештај за 2018 година – додаде Ќосевска.