Денеска во суд беа прикажани видео снимки од обвинетите Никола Митревски, Захарија Симовски, Горанче Ангеловски Ќосето, Илија Славевски, Александар Василевски, Митре Митроповски, Стефан Младеновски, Игор Југ, Влатко Трајковски, Дејан Давидовски, кој е во бегство, Јане Ченто, како влегуваат, излегуваат или поминуваат покрај ресторанот „Дион“, во рамки на рочиштето за случајот „27 април“.
На друга снимка се гледа како Ќосето им дава нешто на повеќе лица, покрај него се Илија Славевски и Влатко Трајковски. На трета снимка се гледа како група обвинети се упатува кон ГТЦ.
Беа објавени и снимки на обвинетите како држат говори пред Собрание.
– Тука сме затоа што ја сакаме оваа земја. Тука сме бидејќи не сакаме да го промениме името. Тие од кои треба да го браните Собранието се внатре. Нема да си одиме оттука додека не си одат тие – вели обвинетиот Богдан Илиевски – Бетмен, на снимката.
Потоа во Судот се гледаше снимка на која обвинети со црни фантомки влегуваат во Собранието. Обвинетиот Игор Дурловски на една од снимките е со крената рака и снима со мобилен телефон. Во друга снимка се гледа како тој се качува на нешто и аплаудира.
– Нашата најголема казна е што сме дочекале да имаме такви одвратни пратеници – вели на снимката обвинетиот актер Владо Јовановски.