Во вашата колумна „Заев – целта ги оправдува средствата’“ вие велите дека премиерот прибегнал кон еден вид „прагматизам“ кој бил разбран како макијавелизам кога понудил „помирување“ со „помилување“ за оние што згазиле закон. Потоа, вие објаснувате за каков вид прагматизам станувало збор кој бил „лошо протолкуван.“ Како последица на тоа, додавате, „довчерашните сојузници го распнаа“, тие го исплукаа.
Ако добро разбрав, сметате дека сите тие кои „го распнаа“ Заев сипаат многу етика во виното на „прагматизмот.“ Со еден збор, тие се „мрчатори“, како што би рекол С. Ордановски.
Да, политиката и етиката се „две сосема различни и дури спротивставени категори“. За тоа зборува не само Макијавели, „заговорник на реал-политиката“, како што велите. Tаа работа одамна е општо место во политичката филозофија. Иако се различни, тоа не значи дека етиката и политиката немаат допирни точки. На свој начин и вие го велите тоа кога го врзувате она @дури“ со “спротивставени категори“. Тоа врзување јасно кажува дека не секогаш, туку – само понекогаш политиката и етиката се „спротивставени категории.“ Токму затоа, општо место во политичката филозофија е дека етиката е строга рамка за секоја политика. Или, како што вели загрепскиот фипозоф Ст. Ласиќ, политиката е вештина (теhne) со која се постига вредност (axios). Сите знаеме дека груевизмот стана злосторничка политика со страшни последици затоа што не знаеше (поточно: не сакаше да знае!) за никакви етички рамки. Со тоа сме на чисто.
Кога сме веќе кај тоа tehne и axios на Ласиќ, има смисла да се потсети дека работа на етиката е да расправа за вредности (добро и зло). Работа на политичката филозофија да расправа за тоа кој е погодниот (добар!) начин да се дојде до тие вредности. Тоа не значи друго освен дека секоја (добра) политика е вештина или средстство со кое се доаѓа до пожелна цел. Вам ви е познато дека науката што расправа за вредности се вика аксиологија, а пак онаа што расправа за вештини (реал или идеал-политика) со кои се остваруваат тие вредности се вика праксеологија. Кога се повикувате на изразот „реал-политика“ како погоден да ја оцрта полтичката филозофија на Макијавели, вие кажувате дека тој бил праксеолог, во споредба со аксиологот Аристотел, на пример, кој во својата „Никомахова етика“ расправа за вредности.
Верувам дека уочивте дека јас на двапати го употребив зборот „погоден“: еднаш кога го ставив во заграда по зборот “добар“ и вторпат кога го поврзав со онаа „реал-политика“ на славниот автор на „Владетелот“. Верувам, исто така, дека сфативте дека тоа го правам намерно. Ви должам сега само објаснение за таа своја намера, можеби излишно.
Мојата намера беше да укажам дека вие било случајно, а било за атер на некои ваши потреби повлекувате во сенка една работа за која сум убеден дека ја знаете како упатен човек во политичките науки. Знаете дека Макијавели, во својата знаменита книга „Владетелот“, никаде не вели дека „целта ги оправдува средствата.“ Не вели, затоа што таа книга расправа за погодни средства со чија помош се освојува, задржува и одржува власт. Погодни и добри средства се оние што се корисни. Добро е, во политиката, и средството „од две зла помалото.“ Ама, за етиката, тоа средство кое потекнува од изборот „од две зла помалото“ е дилема. Зошто? Етиката работи со законот „или…или.“ Политиката – со законот „повеќе или помалку“. Ете зошто и се вели дека политиката не е етика. Иако таа не може да се замисли како добра политика без строга етичка рамка.
Зборовите добри и погодни сами ви кажуваат дека мора да има важна врска меѓу целта-власт и средствата кои се погодни за освојување/одржување власт. Затоа и се вели дека целта е таа што одредува (нагласувам: одредува!), а не оправдува средства. Тоа значи дека со неморални средства не можат да се постигаат морални цели. Не можете да фалсификувате лични карти, да им ги делите на „човечиња“ (Јакуловска) од Пустец, да уценувате, да поткупувате и да тероризирате гласачи, а потоа, без срам и перде да тврдите дека сте имале „скандинавски мирни избори.“ Накусо, силата на моралот е една, а моралот на силата сосем друга работа. И тоа добро го знаете, Нано.
Во директна форма – „целта ги оправдува средствата“, не вели никаде, во совојата политичка филозофија, ни Игнацио Лојола, основач на језутскиот ред. Таа формула се изведува од духот на неговата доктрина која вели дека – сите средства се подеднакво добри за да се постигне политичка или морална цел. Вклучително и поткуп, уцени, измами и терор. Дури и насилствата со многу крв и претепан до смрт како З. Села од нашиот крвав четврток се – добри средства кога треба Груевски, по секоја цена, да задржи власт. Лојола прво беше офицер на шпанската војска. Тој факт објаснува донекаде зошто во неговата доктрина се мешаат средствата и целите, аксиологијата и праксеологијата.
На таа тема напиша еден дебел роман (Демони) славниот руски писател Фјодор Михаилович Достоевки кој секако сте го читале. Вам ви е добро познато дека таму станува збор за убиство на студентот Иванов кое требало да ги врзе во нераскинливо братство членовите на илегалниот, таен анархистички кружок на Нечаев, едно време близок до Бакунин. Зошто му требало, на тој руски анархист, убиство на невин студент (Бугарин по потекло), како што им требаше, на нашите фантични родољупци, убиство на Зијадин Села и на Зоран Заев? Покрај другото, и затоа што цементот на крвта, вели Достоевски, ја бетонира верноста на членовите кон илегална, тајна терористичка организација.
Сега, зошто ви ги пишувам овие редови? За да покажам дека брзо судите и уште побрзо осудувате: „го распнаа“, „го исплукаа“? Дека судите и осудувате врз основа на теории во кои немате солиден увид? На прв поглед, да. Сепак, мојата причина е друга. Се осмелувам да речам, добра и неопходна.
Јас ви ги пишувам овие редови затоа што има места во вашата колумна кои зборуваат дека вие, од свои силни, „прагматични“ побуди, повлекувате во сенка важни работи за кои зборував. Тие фрлаат силен сноп светлина врз еден ваш „прагматизам“ и самиот во сенка, поправо мотив за вашите остри осуди – „го распнаа“, го исплукаа“. Кои се тие работи? Знам дека знаете дека добро ги знам. Ќе зборувам за нив до колку стане неопходно.