Aмнестија – не во мое име

Да се разбереме, човечки е, ептен е човечки „осветнички“ и бездушно да се однесуваме кон насилникот и убиецот; во човекот се појавува нешто „исконско“, та не сме машини, луѓе сме.

846

Супер си се договоривме: ние нив ќе им простиме што не толчеа, a тие нам ќе ни простат што не толчеа, и така ќе живееме долго и среќно до крајот на нашите животи. Ние ќе им „мантраме“ за сите неправди кои ни ги нанесоа, a тие нам ќе ни „матраат“ за сите неправди кои ни ги нанесоа. Ние ќе им простиме за „креатурата Груевски“ кои ја произведоа, а тие нам ќе ни простат што сакавме да им судиме според законот, и што овој, целиот натажен и распекмезен, ќе рече дека тоа е ништо друго освен „политичка конструкција“, не е виновен, „жими една му мајка“, верувајте му на збор, „чесна пионерска“! Ние нема повеќе да им се лутиме што водеа срамни и лудачки војни во наше име, а тие нема нам повеќе да ни се лутат што водеа срамни и лудачки војни во наше име. Се’ на се’, што беше – беше, нема повеќе да гледаме на душманското минато, туку со кренати глави, исправено, ќе тргнеме кон светла и блескава иднина која сите нас ќе не’ обедини.

Може воопшто поидилично од ова? Можеби и може, ама – се сомневам. Mоре, ниту тука е крајот: еве, бидејќи себе сакаат да се нарекуваат „патриоти“ (ако мене ме прашате, јас би ставил мораториум на овој збор следниве десет години да се забрани од употреба), и уште ти се присторува дека тие себе се сфаќаат ужасно сериозно, а нивната „сериозност“ од ден на ден се изопштува кон надвор. Изгледа дека не тераат да не’ бидеме злопамтила, тоа не е убаво, и не е „левичарски“, не е море „христијански“. Е, јебига, секогаш некој се јавува да ја расипе таа милина, да ја изгнаси и испогани таа романса.

Да се разбереме, човечки е, ептен е човечки „осветнички“ и бездушно да се однесуваме кон насилникот и убиецот; во човекот се појавува нешто „исконско“, та не сме машини, луѓе сме. Е сега, не е премиерот Заев машина, туку човек, ама премиер мора да делува прибрано (затоа е премиер!) и не смее на себе да си дозволи исто што може да си дозволи некој како мене и тебе; поточно, не можам ниту јас да си дозволам некои работи: мора да делувам трезвено и фер затоа што прво, пишувам за највлијателниот весник „Слободен печат“, друго, морам да бидам трезвен затоа што пишувањето во овој весник од мене прави „јавна личност“… Во спротивно, ако се’ е дозволено и се’ може да се толерира, оти ете, мајку вам божју, „сите сме луѓе“ и сите сме крвави под кожа, тогаш се поставува прашањето зошто баш тој човек е премиер, министер, претседател, а не било кој локален Миле, Рале или Боле, односно се поставува прашањето: кој е вистинскиот политички role model на овој „народ“?

Со други зборови, знаете, поразува тоа лаконско лупетање – така типично за сите аматери од сите фели – за повторно наметнување на „помирување“, односно „амнестија“. То ест, повторно создавање на нова варварска пракса која во Европа е трајно укината: мајсторе, ако се докаже дека си виновен, дека си ја злоупотребил својата моќ за лична (или партиска) корист, ти не само што нема да можеш да „политичариш“, туку одиш малку да се оладиш во четири sида. И во Македонија, засега, има свесни малкумина, барем оние кои со трајна мака разбираат што авторот сака да каже.

Сите знаат дека злоупотреба на јавна функција, пљачка, масакар, убиства, корупција и криминал се одговара, и сите знаат дека ова е темелна европска вредност. Ама прашањето е: колку „ние“, колку ова општество е воопшто зрело за „европските вредности“?

Зошто ова што погоре го пишувам е општествено и „политички“ важно? Затоа што не може да се очекува никаква општествена зрелост тамо кајшто положбата на најодговорните луѓе во државата е да се однесуваат инфантилно и претпарачки. Затоа што нивното вкореното мислење е дека можат многу повеќе – а не многу, многу помалку – од „обичниот човек“; таквото однесување ни донесува перпетуирање на општествена незрелност и недораснатост. Затоа што ваков јавен говор, како една врста на спонтана и кореографска „емоционализација“ е, всушност, подметнување на ретрогратни и штетни проекти. Како што, да речеме, утре некоја будала покрај „амнестија“ може да побара и воведување на „смртна казна“, па објаснувањето да биде, гледајте, тоа е навистина грозна работа, ама „ние се’ уште не сме дозреани за европските вредности“?!

Од друга страна, ваквото однесување на политичката сцена воопшто не е новина: целокупната политика на Никола Груевски добиваше плебесцитарна поддршка во пркос на тоа што беше самодеструктивна од позиција на „националните интереси“. Истражувачите кои се занимаваат со таканаречената „теорија на рационалниот актер“ што претпоставува во основа дека луѓето, како учесници во економските, ама и во политичките процеси донесуваат одлуки според својот најдобар интерес, така што укажуваат на едно важно ограничување. Имено, таа теорија докажува дека „луѓето во таканаречените ‘аналгезични’ култури за кои е карактеристично дека не се усмерени ‘кон пронаоѓање и постигнување на цели’, туку усмерени се на смалување на болката, смалување на стресот и уцврстување на стабилноста’, затоа што такво општество се прилагодува кон ‘откажување’ и влегување во ‘апатија’, или влегување во мал свет на самоограничени активности кои се втемелени на фрустрација, а не на мотивација“ (Х. Ецкстиен). Под „тешки средини“ се подразбира материјално сиромашна средина во кои ризиците се големи, а аспирациите се рутински фрустрирани (Роксан Лесли Оубен).

И затоа, заради се’ што е кажано и некажано, а се подразбира, единствено е што смее и може себе да си дозволи било која власт и човек од власта: да инсистира на законот, да инсистира на правдата. Се’ друго се варијации од „може да биде, ама не мора да значи“. Значи, браќа и сестри, право, а дури потоа политика. Закон, а потоа реторика. Оти ако го нема правото и законот, се’ останато е дилетантизам, популистичко изживување, монументална неодговорност на бахати пацери. Се останато е, имено, оставштина на политика од Никола Груевски.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...