Ахмети: Нашиот пат кон НАТО и ЕУ носи стабилен мир, добри меѓуетнички и добрососедски односи

Тие што сакаа да гласаат за, но не ја најдоа потребната храброст за да одлучат исправно синоќа, ги повикувам да ни се придружат во понатамошните постапки за заокружувањето на овој процес, рече Ахмети.

312

Лидерот на ДУИ Али Ахмети денеска им се заблагодари на пратениците за дадената подршка за уставните измени.

– Изразувам исклучителна благодарност за 80 – те пратеници кои гласаа за, додека тие што сакаа да гласаат за, но не ја најдоа потребната храброст за да одлучат исправно синоќа, ги повикувам да ни се придружат во понатамошните постапки за заокружувањето на овој процес. Нашиот пат кон НАТО и ЕУ е едносмерен, враќање назад нема! -рече Ахмети.

Ахмети додаде дека овој пратенички состав е избран да носи храбри и важни одлуки, а не да калкулира за следните избори и следниот мандат.

-Тие 80-те пратеници што гласаа за, но и тие кои што се воздржаа од гласање, знаат многу добро дека само овој пат ни носи стабилен мир, добри меѓуетнички и добрососедски односи, системски реформи, правна држава и владеење на правото, еднаквост и заокружување на Охридскиот Договор, економски развој, повеќе работни места , странски и домашни инвестиции и општествена благосостојба – рече Ахмети.

Ахмети се заблагодари на меѓународната заедница.

– Нашите пријатели од меѓународната заедница се рамо до рамо со нас на овој пат, за да ја направиме Македонија европска – рече Ахмети.

Тој ја повика опозицијата да размисли за станата што ја заема.

– Ја повикувам опозицијата да се построи на исправната страна на прогресот и евроатланската определба без задоцнување и понатамошни калкулации- рече Ахмети.

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...