Македонскиот народ секогаш низ историјата знаел како соодветно да ги казни ситните трговци и лихвари кои за грст пари ја газеле неговата волја и да ги фрли на буништето на својата национална историја, соопшти ВМРО-ДПМНЕ денеска по позитивниот исход од гласањето во Собранието за почеток на уставни измени.
Од партијата сметаат дека тоа што се случи вчера вечер во Собранието на Република Македонија беше срам каков што светот не видел.
„Беа погребани европските вредности во Македонија. Во страв да се соочи со почитување на волјата на народот СДСМ очајно посегнаа кон силување на институциите, државата и граѓаните, сведувајќи го Собранието на обичен пазар во кој достоинството на Македонија, нејзиниот идентитет и дигнитет го ставија на тезга како пиперки и домати. Заев докажа пред целата јавност дека нема никаков демократски капацитет и за тоа ќе биде казнет од сопствениот народ“, се додава во соопштението.
За тоа како што велат од партијата се виновни Зоран Заев и Владата.
„Зоран Заев и криминалниот картел на власт покажаа дека за нив ништо не значат демократските вредности и волјата на народот и дека оваа гарнитура на власт се архетип на корупција, уцени и закани“ се додава во соопштението.