Денеска е црн петок, најцрн ден во историјата на Македонија. Волјата на мнозинството граѓани потврдена на референдум, дека се против договорот со Грција беше погазена од две третини од пратениците во Собранието. Но и од 8 пратеници од опозицијата, кои тргнаа против волјата на граѓаните, рече лидерот на ВМРО – ДПМНЕ, Христијан Мицкоски на прес конференција по изгласувањето на потребата од донесување на Уставните измени.
Тој рече дека биле ветувани пари на пратениците од ВМРО – ДПМНЕ, дека било нудено ослободување од обвиненијата.
– Наместо Собранието да биде храм на демократијата, стана место во кое се киднапира од ордите на Зоран Заев – рече Мицкоски.
Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ му порача на премиерот Заев дека народот ќе му суди.
– За се што правиш ќе ти биде судено, а ако се осмелиш да излезеш на избори ќе добиеш жестока казна од народот – рече Мицкоски.
Тој додаде дека денот се претворил во лов на пратеници.
За седумтемина пратеници, кои гласаа за, Мицкоски рече дека по вонредната седница на Иззвршниот комитет било решено Крсто Мукоски, Елизабета Канчевска-Милевска, Емилија Александрова, Љубен Арнудов, Зекир Рамчимовиќ,Нола Исмајловска Старова и Сашо Василевски да се исклучат од партијата.
– Јас како човек не можам да ги оправдам, но тоа не е важно. Како ќе ги оправдаат семејствата, татковината, нивната постапка. Знам дека дел од нив се соочуваат со сериозни обвиненија, пред се од СЈО, но обврската на пратеникот е поголема од било која закана. Овие седум пратеници , кои постапија спротивно од партискиот став , кој беше едногласно донесен, ме разочараа мене, а ја разочараа и партијата и татковината и со тоа ќе треба да живеат – рече лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски порача дека денес Зоран Заев на сила пристапи кон преименување на државата и реализација на договор со кој се губи името Македонија, се губи идентитетот, ќе се преименува историјата, археологијата, образованието и културата.
-Договор со кој се менуваат личните документи, лицето на Македонија онаква каква што ја знаеме и онаква каква што ја наследивме од нашите дедовци. Заев нема мандат од народот ова да го прави. Ова е силување на процедурите, насилство врз државата. Срамно дело кое ќе се памети. Заев нанесе срам кон Македонија. Македонија е во тешка ситуација, токму поради оваа гарнитура на власт. И многумина ќе си речат ова е крајот, ова е поразот за Македонија, нема иднина веќе овде, не, јас ќе речам ова е почетокот за Македонија, ова почетокот за нас Македонци. Ова е почетокот на крајот на Зоран Заев и неговата срамна улога во нашата историја. Кој друг ако не ние. Не очајувајте. Мораме да се спротивставиме на ова заедничко зло кое ја гуши нашата земја, на оваа криминална насилничка власт. Не чека напорна работа, и кој друг ако не ние имаме обврска да се спротивставиме – рече Мицкоски.