Пратеникот на СДСМ Костадин Костадинов вечерва на прес конференција демантира дека власта вршела притисок врз пратениците од опозицијата и дека им нуделе пари за да ги поддржат уставните измени.
Тој рече дека анти-западното и анти-македонското раководство на ВМРО-ДПМНЕ лаже.
– Ќе поднесеме тужби. Овие огромни лаги во клучни моменти за иднината нека ги докажат на суд. Мицкоски ги помина сите граници. Новинарите се сведоци во Собранието, пратениците слободно се движат и комуницираат. Нема да успеат Мицкоски и Груевски кои љубат само криминал, но не и Македонија. Пратениците да делуваат слободно и да се спротивстават на антизападниот Мицкоски – рече Костадинов.
Тој најави дека на седницата за уставните измени ќе има дискусија и ќе се гласа и дека тогаш јасно ќе се види дали има мнозинство.
– Правиме напори да ги ослободиме пратениците од ВМРО-ДПМНЕ да гласаат слободно – рече Костадинов на прашање зошто цел ден се одложува седницата.