Трендот на иселување од земјава продолжува. Од земјата заминуваат инженери од сите насоки, лекари, висококвалификувани кадри, невработени без образование, но не и кадри од општествените науки. Последната бројка која ја објави Светска банка е дека од земјава се иселиле 25 отсто или околу 500.000 луѓе. Но оваа бројка не може да се земе како точна оти во земјава одамна нема спроведено попис. Светска банка за објавенката бројка се повикува на податоците се Обединетите нации и на Виенскиот институт.
Посебно загрижува фактот што расте бројот на иселена високообразована и висококвалификувана работна сила. Луѓето кои директно се вклучени во процесот на обезбедување работа во странство велат дека расте бројот на вакви иселувања.
Зоран Кочоски од Коузон Корпорација вели дека високостручниот и висококвалификуваниот кадар најмногу се иселил во периодот од 2013 до 2017 година.
– Ова иселување најмногу се поврзува со периодот кога Германија овозможи вработување и влез со македонски пасош преку таканаречените зелени карти овозможи влез на инженери и висококвалификувани кадри, лекари и друг медицински кадар – појаснува Кочовски.
Европскиот пазар на трудот, вели Кочовски, сѐ уште бара високообразован и стручен кадар.
– Се бараат инженери, градежни и машински, ИТ инженери, но и кадри со посебни квалификации. Но не се бараат кадри од општествените науки. За последните нема интерес бидејќи не се совпаѓа со нивните барања – вели Кочовски.
Тања Илиќ, од Нотарската комора вели дека правото и посебно нотарската и другите дејности се поврзани со посебни дозволи, се специфични и се разликуваат од земја до земја, затоа овие кадри не се иселуваат.
– Секоја земја има поинаква регулатива, а нотарската деност е посебно регулирана и многу тешко може некој што овде бил нотар да работи како нотар во друга земја. Инаку нотарството не е толку доходовно колку што се мисли. Ние годинава имаме двајца нотари кои ја напуштија професијата и сега ќе се обидат во друга дејност – вели Илиќ.
Податоците покажуваат и дека се намалува бројот на иселени од ИТ секторот.
– Најверојатно високите примања што ги имаат овде кои се скоро еднакви со оние кои им се даваат и во другите земји – вели Кочоски.
Според него, иселувањето од земјава може да се рече дека се одвива во бранови.
– Имавме период на бугарски пасоши од 2008 до 2015 година кога од земјава се иселија над 30.000 млади луѓе. Потоа период од седум до осум години кога главно се селеше вискокостручниот кадар и висококвалификуваниот кадар кога се иселија 80 до 90.000 луѓе. И третиот период кој се одвива се уште е период кога голем број на некваливикувани и необразовани луѓе се иселуваат во Словачка и во Чешка каде што ги има над 2.500 лица кои работат за плати од 760 до 850 евра. Во овој период се реализира и иселувањето во Малта каде што има близу 7.000 лица – вели Кочовски.
Паралелно со целиот процес на иселување се реализира и семејното иселување во Канада каде што во овој период се иселиле 200 до 300 семјства.