Потврдената осудителна пресуда во случајот за набавката на блиндираниот мерцедес познат како „Тенк“ од Апелациониот денеска пристигнала во Кривичниот суд.
– Пресудата ќе биде распределена на понатамошно постапување кај судија за извршување санкции кој во следниот период треба да изготви упатен акт и да го испрати до странките во постапката – велат од судот.
Со оваа пресуда екс премиерот Никола Груевски треба да одлежи 2 години затвор, а поранешниот помошник министер во МВР Ѓоко Поповски 4 години и 6 месеци откако Апелација му ја намали казната од 6 години и 6 месеци.
Откако според АКМИС-системот пресудата ќе заврши во раце на судија за извршување санкции, според Законот за извршување санкции, тој е должен најдоцна во рок од осум дена да постапи по одлуката.
„Повикувањето за извршување на казната затвор на осуденото лице се врши на начин што лично му се доставува упатен акт во кој е означен денот кога треба да се јави во определена установа“, пишува во законот.
Датумот кога ќе треба Груевски да се јави во затвор судијата треба да го определи на тој начин што ќе му остави најмалку 8, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт.
Ако екс премиерот не се јави во затвор, тогаш присилно ќе биде спроведен и ќе ги сноси трошоците.
Според праксата, Груевски би требало да биде упатен во затворот во Шуто Оризари каде се издржуваат затворски казни до 3 години.
Ѓоко Поповски веќе се наоѓа во притвор.
Во предметот за набавката на блиндираниот мерцедес на шест години затвор е осудена и екс министерката за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска. За неа пресудата сѐ уште не е правосилна, бидејќи ѝ се судеше во раздвоена постапка поради ризичната бременост. Пресудата за неа ќе стане правосилна откако за нејзината жалба, која ја најави Јанкулоска, ќе се произнесе и Апелациониот суд. И во случај екс министерката да биде осудена со правосилна пресуда, таа нема да заврши во затвор до крајот на јуни 2019 односно додека нејзиното бебе не наполни една година.
ФОТО: EPA/GEORGI LICOVSKI