„Вашингтон Пост“ ја објави последната колумна на Џамал Кашоги, кој исчезна во саудискиот конзулат во Истанбул. „Го чекавме да дојде да ја објавиме заедно“, а ја пренесува Недељник.
Уредникот на рубриката во која се објавуваа колумните на Кашоги напиша во уводникот дека таа, последна колумна која Кашоги ја напишал, ја добил од помошничката на новинарот, еден ден откако тој исчезнал.
„Го чекав да се појави, па заедно да ја објавиме таа колумна. Сега сум свесен, тоа нема да се случи”, напиша Карен Атиах и додаде дека таа последна колумна најдобро ја покажува страстната борба на Кашоги за слобода во арапските земји, „слободата за која на крајот го даде својот живот“,
Кашоги влегол во конзулатот на Саудиска Арабија во Истанбул на 2 октомври за да добие документи потребни за венчавката со вереницата, од турско потекло. Од таа зграда тој никогаш не излезе. Истрагата спроведена од турските власти, како што пренесоа водечките медиуми во светот, открила доказ дека Кашоги е убиен во зградата на конзулатот и дека, наводно, неговото тело било распарчано.
Случајот на овој новинар стана светска тема број еден, а во прилог на ова оди и фактот дека претседателот на САД го испрати својот државен секретар итно најпрво во Саудиска Арабија, а потоа и во Турција.
Колумната на Џамал Кашоги
– Неодамна на интернет го видов извештајот „Слободата во светот“ за 2018 година објавено од „Фридом хаус“ и сфатив нешто многу важно. Само една арапска земја е класифицирана како слободна. Таа земја е Тунис. Јордан, Мароко и Кувајт се на второто место со класификација како „делумно слободни“. Другите земји од арапскиот свет се оценети како „неслободни“.
Како резултат на тоа, Арапите што живеат во овие земји се или неинформирани или погрешно информирани. Тие не се во можност адекватно да се обратат, а уште помалку јавно да дискутираат за работите што влијаат на регионот и нивниот секојдневен живот. Државното проповедање доминира со јавната психа, и додека многумина во неа не веруваат, огромното мнозинство е жртва на овој лажен наратив. За жал, таквата ситуација тешко дека ќе се промени.
Арапскиот свет беше полн со надеж во пролетта 2011 година. Новинарите, научниците и целото население очекуваа светло и слободно арапско општество во нивните земји. Очекуваа дека ќе бидат еманципирани против хегемонијата на нивните влади и постојани интервенции и цензура на информациите. Но, тие очекувања беа брзо побиени, а овие општества набрзо се вратија во старото статус кво, но со многу потешки услови отколку пред тоа – напиша Кашоги.
Потоа тој го споменува неговиот пријател, познатиот саудиски писател Салех ал-Шехи, кој ја напиша една од најпознатите колумни некогаш објавени во саудиските медиум и кој беше уапсен затоа што зборуваше против владата во Ријад и за инцидентот во Египет, каде што тамошната влада ја презеде контролата над еден весник.
– Ваквите дела веќе не носат осуда од меѓународната заедница. Наместо тоа, таквите дела предизвикуваат осуда придружена со тишина. Како резултат на тоа, на арапските влади им е дадена слобода се повеќе да ги замолчуваат медиумите – порача Кашоги во својата колумна.
Кашоги потоа се сосврна на практиката на владите од Блискиот Исток да го блокираат пристапот до интернетот, со цел во голема мера да ги контролираат информациите достапни на нивните граѓани.
– Арапскиот свет се соочува со своја верзија на Железната завеса, која ја воведоа не само надворешните чинители, туку и внатрешните сили кои се борат за моќ – се вели во колумната. Од клучно значење е, смета Кашоги, арапските гласови да имаат платформа од која може да се слушнат.
– Ние страдаме од сиромаштија, лошо лидерство и слабо образование. Преку создавање на независен меѓународен форум, издвоен од влијанието на националистичките влади кои сеат омраза преку пропаганда, обичните луѓе во арапскиот свет ќе бидат во можност да се позабават со проблемите со кои нивните општества се соочуваат – напиша Кашоги.
Подготви: А.Ј.