Обвинителен предлог против Миленко Неделковски за коментарите за пожарите во Грција

За кривичното дело за кое се товари Неделковски предвидена е казна затвор од една до пет години. Тој во текот на истрагата не дал свој исказ во обвинителството бидејќи не било достапен на неговата адреса за да му биде врачена поканата.

1195

Основното јавно обвинителство Скопје до Кривичниот суд поднесе обвинителен предлог против новинарот Миленко Неделковски за ширење расистички и ксенофобичен материјал. Станува збор за неговите коментари и статуси на социјалните мрежи за време на катастрофалните пожари во Грција изминатото лето.

„Лицето се товари преку компјутерски систем, во јавноста ширел ксенофобичен пишан материјал со кој промовирал омраза против група врз основа на етничка припадност. Имено, осомничениот како јавна личност – новинар, на својот јавен профил на една социјална мрежа, објавил коментар по повод пожарот на грчкиот полуостров Атика во кој имаше и човечки жртви. Притоа со коментарот промовирал омраза кон одредена етничка група – Грци кои биле засегнати од катастрофалниот пожар. За ова кривично дело, согласно Кривичниот законик, предвидена е казна затвор од една до пет години“, наведуваат од обвинителството.

Во текот на истрагата, обвинителот преку службите во МВР обезбедил детален документиран материјал за активноста од корисничкиот профил на осомничениот на социјалната мрежа како и други докази.

Неделковски во текот на истрагата не дал свој исказ во обвинителството бидејќи не било достапен на неговата адреса за да му биде врачена поканата.

„Дополнително, во конкретниот случај, обвинителството имаше увид и во дадените коментари од други лица кон објавениот текст на осомничениот, но притоа оцени дека од кривично-правен аспект постојат основи за постапување само против осомниченото лице, бидејќи тој врз основа на својот општествен статус и професијата која ја извршува, со објавата ги поттикнал останатите коментари во јавноста. Обвинителството, како орган кој ги гони сторителите на кривични дела, по својата поставеност, ги цени законските можности за постапување, фактите и доказите во секој конкретен предмет, како и општествената оправданост за јавнообвинителско постапување, особено водејќи сметка да не ја наруши слободата на изразување“, потенцираат од ОЈО Скопје.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...