Откако со она „помирување“ со „помилување“ премиерот Заев ја потроши и последната политичка карта на влогот барем десет гласа од опозицијата на Мицкоски, не му преостана ништо друго освен „како верник“ да се понадева на „чудо“. Тој не е чудотворец иако веќе, за година ипол колку што е на власт, се закити со еден вид светечки ореол на регионален миротворец од формат.
Чуда во политикатам има. Тие не се реткост. Се случуваат дури повеќе и почесто во таа дисциплина отколку во сивиот секојдневен, прозаичен живот. Ако не може Заев со ореол сам да направи чудо, не е исклучено во таа работа да замеша прсти Севишниот (Метју Палмер, случајно доѓа за ден-два) и така да се дојде до оној минимум-десет гласа од опозицијата за да се „имплементира“ (Столтенберг) договорот Заев-Ципрас.
По тие прашања нашата фолк-политичка филозофија советува: најпрвин, треба да си помогнеш сам себеси ако сакаш потоа да ти помогне и Господ. Што треба да стори премиерот (ако веќе не го сторил тоа!) најбрзо што може за да тргне од место работата со оние уставни промени од кои ни зависи иднината? За тоа даде веќе јавна, парламентарна сугестија пратеникот на ДУИ Бранко Манојловски. Нешто шифрирана, ама читлива и за политички аналфабет.
Што рече тој Манајловски? Човекот рече дека покрај она „помирување“ со „помилување“ кое многумина го разбраа како амнестија, државата треба да се погрижи за „иднината“ на сите оние пратеници од опозицијата кои, во околности кога биле изложени на закани „од изгрејсонце до зајдисонце“ (Митко Јанчев), без „гаранција за иднината“ не би можеле да го сторат тоа што се бара од нив.
Класичен фројдистички лапсус? Човекот сакаше да каже „гаранција за животот“ ако пие вода тврдењето на Јанчев, потпретседател на Мицкоски, дека пратениците на ВМРО-ДПМНЕ биле изложени на опасни по живот закани? Може да се рече, ама тоа ни не мора да значи. Не мора, затоа што сите тие пратеници под закана „од изгрејсонце до зајдисонце“ би жртвувале многу со тоа што би гласале за договорот Ципрас-Заев. Многу, што не значи и живот.
Ајде, да речеме сега дека сите тие закани се – празни како празна пушка, иако и таа, како „стар к…р“ (Д. Солев) пука барем еднаш годишно. Да речеме дека и тие добро знаат дека заканите се онака, на – зборови. Ама, во конкретниот момент, тоа им помага да го затскријат својот вистински мотив. Попрозаичен, практичен мотив кој се подразбира во политиката, па и во нашава. Тој мотив се сведува на тоа да се ќари барем нешто во сегашните матни политички води. Како што и Заев и Мицкоски веќе фрлаат сертме во тие води. Ако тие фрлаат, зошто да не фрлат барем јадица пратениците?
Кој би бил тој минимум пратенички ќар? Ако ништо друго, тогаш барем уште еден пратеничи мандат оти многу извесно е дека Мицкоски со лезет би ги чкртанал од својата пратеничка листа за следните избори. Со оглед на таа црна пратеничка иднина, за тоа би требало да се погрижи државата. А таа држава сега е Заев со неговата власт. Заев е економист. Тој е добро упатен во основите на економската логика. Таа логика вели: колку пари толку музика. Прашање е само дали ја чул таа порака на Манојловски и, потоа, дали ја „простудирал“.
Кој би бил ќарот за Заев? Тој би му додал блесок од кој болат очи на својот политички ореол на регионален лидер. Тој дополнително би го зајакнал својот политички курс кој и онака наидува на силна поддршка од западниот свет, со повеќе од добри изгледи дефинитивно да влезе во нашата нова историја како човек кој, за неполни две години, успеал да го стори тоа што не му пошло од рака на некогашниот автократ „по вокација“ Груевски за една деценија.
Кој би бил ќарот за Мицкоски? Не може да се мисли дека универзитетски професор како Мицковски не бил свесен што го чека и што се очекува од него кога се согласил да стане не само продолжена рака, туку и железна тупаница на на Груевски. Не може, исто така, да се мисли дека немал ни некој крупен мотив да го прифати тоа што не би го прифатил универзитетски профсор. Најпосле, не може да се мисли ни дека тој, затоа што немал „политичка култура“ (Андов) му напишал ултрапатриотско писмо на Вес Мичел, крупен лик во американската администрација. Поверојатно е: на тој начин Мицковски доаѓа до силно алиби дека сторил сè што може за спас на Груевски и Фамилијата. Тоа алиби му дава и шанса да им намигне дискретно на дестмина од своите да гласаат за Договорот Заев-Ципрас. А потоа да се правда: имало, има и ќе има „мангупи во нашите редови“ (Ленин). Тоа е толку логично, а и често се случува.
Ако, по некое чудо, се наместат така и по тој ред тие три силни карти, не е неможно денес да дојде до „чудо“ во парламентот, да се направи конечно тоа двотретинско мнозинство и да мрднат работите од место. Тие три карти се многу посилни од оној крик, откорнат од душата на министерот Димитров кој рече: нему „ни лидери ни свети лидери не му требаат за да застане зад интересите на татковината“. Убаво, машки речено, лирски и трогателно истовремено.
Тој крик на Димитров доби своја блиц-варијација со молитвениот тон на говор од Томислав Тунте, шеф на пратеничката група на СДСМ. По којзнае којпат и тој повика да се стават интересите на државата на прв план, а пак партиските и лични на – втор. И тоа убаво звучи. Ама ете: тие луѓе како да забораваат дека, кога се работи за спас на кожа, се повлекува во сенка гласот на совеста, а дивиот порив на интересот грми како деспот кој заповеда што и како ќе прави пратеник. Значи, и јас како и Заев верувам во чудо. Ама верувам не на трогателен, лирски, метафизички начин како премиерот, туку на свој, сив и прозаичен.