Памтам, не така одамна, кога се одвиваа натегањата и драмите околу Пржинскиот договор и закажувањето, откажувањето, па повторното закажување на тогашните вонредни избори, еден мој пријател од меѓународната заедница, смирено и лаконски ми ја даде формулата врз која се темелеше одлуката за тоа на кој датум ќе се случат изборите: Тогаш, кога резултатите ќе бидат такви за Фамилијата да падне од власт.
Просто. Така и бидна.
Според тоа, што мислите, кога ќе има гласање во Македонското собрание за промена на Уставот? … Погаѓате: Тогаш, кога ќе има две третини пратеници за да го поддржат Преспанскиот договор. Денес? Во понеделник? Идната среда?… Тогаш, кога ќе има две третини пратеници за да го поддржат Преспанскиот договор.
Тоа е ризична, но најпрецизна прогноза што јас можам да ја дадам на десетиците прашања што ги добивам секојдневно во врска со расплетот на оваа македонска тажна евро-атлантска мелодрама. Не затоа што знам нешто повеќе од другите (знам малкуцка повеќе!) – туку затоа што сфаќам како функционираат политиките и оперативата на моќните држави (имено, како САД), кога ќе решат да го спроведат својот национален интерес во (не)соработка со мала држава (како Македонија).
Не е тоа машинче за мелење кафе кое врти сто на саат – дззззззззз! – за да ги сомеле зрната во фин прашок; повеќе е како дробилка за камен која систематски, поспоро, но неумоливо ги меле карпите – трак-крц-трак-крц – за од нив да произведе чакал кој ќе биде основата за асфалтирањето на патот на прогресот!
Можеби ова звучи како да е излезено од некаков агитпроп-материјал на модерниот империјализам, но метафората за дробилката што меле камења е упатна стилска фигура за разбирањето на односите, и односот на силите, во светската политика. Затоа и занимавањето со политика во Македонија не е семинар за изучување мировни студии на Филозофскиот факултет во Скопје; тоа е место за практикување вештини од областа на реал-политиката на Животниот факултет во Скопје.
Во што е разликата? Па, како кога Глигоров ќе го споредите со Иванов: Глигоров (раката за мерка високо горе) – Иванов (раката за мерка ниско долу); па уште еднаш: Глигоров (раката за мерка високо горе) – Иванов (раката за мерка ниско долу)…
Оттука, кога некаков странски емисар од рангот на Вес Мичел – за нас, како сам Господ! – ќе ви пише љубезно и добронамерно писмо („Диар Христијан…“) за да ви каже дека не е убаво што сте го лажеле и мафтосувале на претходните средби (а тоа, дополнително, сте го правеле и во својата партија, велејќи дека со оној проклет Бејли не ви оди муабетот, ама затоа со Мичел сте блиски како танга во женски задник!), не е упатно во одговор на тоа писмо дополнително дрско да му се силите – во нашиот колоритен жаргон имаме еден збор за такво однесување во којшто се употребува машкиот полов орган со додавката …чење – како ВМРО-ДПМНЕ, а не САД, да располагаат со 20 носачи на авиони низ светските мориња! (Извор: Википедија.)
Затоа, денешниот петок или следниот понеделник или идната среда, да си ги дочекате без нервоза и преголема возбуда, бидејќи гласање во Македонското собрание за промена на Уставот ќе има тогаш, кога ќе има две третини пратеници за да го поддржат Преспанскиот договор. Ако многу инсистирате, и после вонредни избори.
Поздраф.
Извор: Цивилмедиа