Генералниот секретар на Европската федерација на новинари (ЕФН), Рикардо Гутиерез, реагира на барањата на ВМРО-ДПМНЕ, државната агенција МИА да ги открие своите извори и најстрого осудува секаков обид за заплашување на медиумите.
Во изјава за МИА, Гутиерез порачува дека новинарите, според утврдените деонтолошки правила, имаат целосно право и треба да ги заштитат своите извори и немаат никаква обврска да ги откриваат.
– Притоа, новинарката Тања Милевска, како новинар кој работи во Белгија, не само што има право да ги заштити своите извори, туку е и обврзана на тоа според белгискиот закон за заштита на извори. Белгиските закони предвидуваат откривање на извори единствено во случај на кривично дело или доколку нечиј живот е загрозен, а процедурата може да ја води само истражен судија, во ниеден случај политичка партија нема право да бара такво нешто – рече Гутиерез за МИА.
Тој ја потсетува и опозициската партија и сите партии во земјата дека Македонија е потписник на сите релевантни резолуции на Советот на Европа за заштита на извори во рамките на слободата на медиумите.
Доколку не престанат притисоците врз МИА, Европската федерација на новинари е подготвена да го пријави случајот на Платформата за заштита на новинари при Советот на Европа како заплашување на медиумите и загрозување на слободата на новинарите, посочи генералниот секретар