Пратениците на денешната 60-та собраниска седница го усвоија дневниот ред и започнаа со распава по точките. На барање на министерот за транспорт и врски Горан Сугарески предложениот дневен ред беше дополнет со Предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патната делница Миладиновци-Штип и патната делница Кичево – Охрид, по кратка постапка.
Дневниот ред беше дополнет и со Предлог законот измени и дополнувања на законот за административни службеници по скратена постапка, на барање на Ејуп Алими, координаторот на пратеничлката група на ДУИ.
Меѓу донесените одлуки расправа предизвика донесувањето на Одлуката за утврдување на составот на Одборот за доделување на наградата 22 Ноември. Имено, расправата за оваа точка Илија Димовски од ВМРО-ДПМНЕ како претседател на Комисијата за избори и именувања, ја искористи да упати забелешка дека треба да се формира уште еден одбор за доделување на наградата 23 Октомври. Тој посочи дека односот на моменталното парламентарно мнозинство е апсолутно неразбирлив и игнорантски.
– Одност на СДСМ и на ДУИ кон единствениот одбор кој е посветен на празник кој има десничарска идеологија е игнорантски и тоа го покажува лошиот однос на СДСМ кон сѐ што не е левица. Апелирам СДСМ да запре во својот идеолошки занес дека се единствени во Македонија и дека сето друго не постои. Ова Собрание треба да ги истакнува различностите и да ги почитува. Без 23 октовмри немало да има Илинденско востание… ВМРО е првата организирана идеја за самостојна Македонија и тоа треба да се испочитува – рече Димовски.
Претседателот на Собранието Талат Џафери рече дека сѐ што е дојдено до него било процесуирано.
Горан Милевски од ЛДП пак, со забелешка до Димовски што ги поделил празниците иделошки на левица и десница и посочи дека во Илинденското востание учествувале и левичари, социјалисти, а многу Илинденци учествувале и во НОБ.
– Тој е празник на македонскиот народ и на сите граѓани кои живеат во Македонија. Не е во ред поделбата на празници. Коректно е да кажете дека е тоа празник на сите граѓани на РМ – рече Милевски.
Фросина Ременски Ташевска од СДСМ рече дека согласно Законот за државни награди и државни празници 23 Октомври сѐ уште стои како таков и Собранието има обврска да ги исполни своите обврски. Во однос на значењето на празникот, таа посочи оти може да отворат историска и политичка дебата во однос на датумот за формирање на ВМРО.
– Денот на македонска револуционерна борба не се врзува со Македонската револуционерна организација. Овој датум треба дополнително да биде мотив на ова државотворно опстoјување за вас како пратеничка група за одлучувањето по однос на иднината на РМ и за овие идеали кои треба ние да ги продолжиме. Да бидеме доследни на идеолшкиот повик, а јас ќе се потпипшам на иницијативата за формирање Одбор за доделување на наградата – рече Ременски.
Димовски, пак, реплицираше со став дека нема да го стави ова во денешниот контекст.