Ова раководството на ВМРО-ДПМНЕ предводено од Христијан Мицкоски е исто, можеби и полошо од претходното предводено од Никола Груевски. Ја срамоти државата и отворено се кара и се расправа со најголемите стратешки партнери. Ова раководство отворено и јавно се однесува антизападно, рече на прес конференција Томислав Тунтев, координатор на пратеничката група на СДСМ.
– Но затоа, пратениците на ВМРО-ДПМНЕ, народните избраници, имаат шанса да се издигнат над ставот на антизападниот партиски лидер и да се приклучат во процесот што обезбедува европска иднина. Убеден сум дека и пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се за влез во ЕУ и НАТО. Сега е историскиот момент да го покажат тоа на дело, да ја почитуваат волјата на над 80 отсто од сите граѓани и да ги поддржат уставните измени – изјави Тунтев.
Тој додаде дека овој парламентарен состав има единствена, историска шанса да обезбеди иднина на Македонија во ЕУ и НАТО, дека над 90 отсто од граѓаните кои гласаа на референдумот на 30 септември јасно покажале дека се за ЕУ и НАТО. Повеќе од 80% од граѓаните според сите истражувања се за ЕУ и НАТО,
– Собранието треба да ги усвои измените на Уставот кои се во насока на заштита и зајакнување на нашиот македонски идентитет и кои обезбедуваат просперитетна европска иднина што ја очекуваме 27 години. Но тоа е пат што мора заедно да го изодиме и оттука, ги повикувам пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се приклучат во процесот. Алтернатива не постои, секој друг предлог за друг пат на Македонија значи туркање на нашата држава во нови изолации и кризи. Македонија припаѓа на западниот свет, без разлика што Христијан Мицкоски има проблем со тоа – рече Тунтев.
Тој рече дека веруваме оти утре ќе има двотертинско мнозинство. Како аргумент за ова тој рече дека од дискусиите се видело дека ниту еден пратеник не е против ЕУ и НАТО. Тунтев очекува утре да заврши дебатата.
Тој повтори дека ако раководството на ВМРО-ДПМНЕ продолжи по секоја цена да ја блокира иднината на државата тогаш неизбежни се предвремени парламентарни избори организирани веднаш.