Поранешниот претседател на Бугарија и член на Охрдиската група за поддршка на Македонија за членство во НАТО, Росен Плевнелиев во интервју за „Блумбергтв.бг“ изјави дека е категорично против анекс на Договорот за пријателство, добрососедство и соработка меѓу Бугарија и Македонија.
– Западен Балкан заостана во многу работи. Благодарение на членството во НАТО и Европската унија Бугарија се разви многу подобро и ја претрка Македонија. Бугарија ја осозна својата важност и е фактор на пријателство и стабилност во регионот. Бугарија, заедно со ЕУ и НАТО подава рака и предлага помош на Македонија, Босна и Херцеговина, Србија и Косово – вели во интервјуто Плевнелиев, кој е претседател на Бугарија во периодот меѓу 2012 и 2017 година.
Во однос на резултатите од референдумот во Македонија, Плевнелиев вели дека не се изненадување.
– Бојкотот на референдумот беше очигледен. Тој е голема грешка на ВМРО-ДПМНЕ. Би било искрено ако партијата отворено ја изнесеше својата позиција, наместо да го бојкотира референдумот. Една од водечките политички партии во Македонија се сокри и не претстави никакви аргументи, а тоа не помага на државата и демократијата во неа. Однесувањето на ВМРО-ДПМНЕ ги провоцира проевропските граѓани во државата да излезат. Дури 92 проценти од гласачите на референдумот го поддржуваат членството на Македонија во ЕУ и НАТО – вели Плевнелиев, во интервју за бугарски Блумберг.
Посочува дека Кремљ е против евроатлантската интеграција на Македонија и дека Москва поддржува поделби и национал-популизам во целиот регион.
– Речиси сите националисти и популисти во регионот, вклучително и во Бугарија се директно финансирани од Русија и застапуваат геополитички интереси на Кремљ, оценува Плевнелиев.
Фото: EPA/LAJOS SOOS