Градоначалникот на град Скопје Петре Шилегов денеска се сретна со најдобрите средношколски екипи на Град Скопје, кои на почетокот на месецов имаа спортски натпревари со нивните врсници од збратимениот град Нирнберг, Германија, во кои беа поуспешни и постигнаа генерален резултат од шест победи и еден пораз.
На натпреварите силите ги одмерија најдобрите спортски екипи од средните училишта во футсал, ракомет и кошарка во машка и во женска категорија, како и во одбојка во женска категорија.
– На средбата Шилегов им ги честита успешните спортски резултати постигнати на натпреварите во Нирнберг, каде што нашите спортски екипи беа поуспешни и постигнаа генерален резултат од шест победи и еден пораз. Тој им посака многу среќа и спортски успеси и во иднина, а притоа им вети дека и наредната година ќе продолжи праксата најдобрите спортски екипи од средношколските натпреварување да одат да се натпреваруваат во некој од градовите со кои Скопје има соработка, се вели во соопштението од Град Скопје.
Претходните години најдобрите спортски екипи од средните училишта од Скопје ги посетија и имаа спортски натпревари со нивните врсници од Истанбул, Ниш, Загреб, Љубљана, Софија и во Белград.
Покрај за средношколските спортски лиги на Град Скопје, во чии натпреварувања учествуваа над 6.000 средношколци, годинава за првпат од буџетот беа обезбедени и стипендии за 100 најуспешни спортисти, ученички и ученици, од по 3.000 денари во текот на осум месеци до крајот на 2018 година.