Скопјанки ќе кинисаат за Вевчани, до декември нема термин за мамографија

972

До декември нема слободен термин за ЕХО-преглед и мамографија на дојки во три јавни скопски болници – Клиниката за радиологија, Градската општа болница “8. Септември“ и Клиниката за хируршки болести „Свети Наум Охридски“. Надлежните појаснуваат дека една од причините што нема доволно слободни термини е и ограничениот број технолози и радиолози и дека реагираат за обезбедување дополнителни термини за преглед за одредени категории пациентки.

Скопјанка која вчера се јавила кај матичната докторка да закаже преглед раскажува:

– Сестрата провери на „Мој термин“ и ми кажа дека до декември нема термин во ниту една болница ниту за ЕХО ниту за мамографија. А во почетокот на ноември ќе може да се закаже за следниот месец, се разбира… ако има место! Побарав да ми даде приоритетен упат, но и тоа не можеше! Поминува време а јас не можам да го остварам правото на преглед, кој на мои години не би требало со месеци да го одложувам, зашто поминаа повеќе од две години од последната мамографија. А, од друга страна, не сакам приватно да плаќам за услуга која ми следува во јавното здравство – вели 53-годишната М.И.

Таа прашува и зошто од пред неколку години пациентките мора да вадат два упата – еден за ЕХО, а втор за РТГ снимањето (мамографија) на дојки.

– Порано требаше само еден упат, а се правеа двете дијагностички процедури. Зошто сега ни требаат два упата? – реагира оваа скопјанка.

На Клиниката за радиологија велат дека апаратите за овие прегледи работат во две смени.

– Кај нас сега работат сите апарати, сега нема расипан, а еден лекар прегледува во просек по 20 пациентки во една смена. Периодов недостига една колешка радиолог која е на боледување, а нашите лекари покриваат и 24-часовни дежурства на Хируршките клиники. А на овие прегледи не се чека смо кај нас, туку во целиот свет – објаснува д-р Даниел Ѓурчинов, директор на Клиниката за радиологија во Скопје.

На прашањето дали и колку од термините пропаѓаат бидејќи дел од пациентките не се јавиле на преглед, ниту претходно ги откажале, за да ослободат место за некоја друга, д-р Ѓурчинов потврдува:

– Точно е дека некои пациентки не се јавуваат на закажаните прегледи, но тоа е мал број жени.

Во Вевчани се прегледуваат и прилепчанки, но и пациентки од Албанија

Здравствениот дом во Вевчани веќе 15 години располага со мамограф, на кој освен вевчанки, стружанки, охриѓанки, доаѓаат да се снимаат и жени од Неготино, но и од Скопје, па и од соседна Албанија.

Единствениот радиолог во оваа установа, д-р Жарко Даскаловски, прегледува и по 2.000 жени годишно.

– Ни доаѓаат и пациентки од Кичево, Македонски Брод, почнаа и од Прилеп да одат, а од Дебар редовно се снимаат кај нас. Во летна сезона имаме и жени од Неготино, Кавадарци, но доаѓаат на преглед и жени од Скопје, оние кои имаат станови во Охрид и Струга. Плус, имаме и странски пациентки од Албанија жени од Поградец и околните места, а имаме дури и жени од Драч кои за ЕХО и мамографија на дојки доаѓаат кај нас во Вевчани. Редовни пациентки ни се и стружанки и охриѓанки, како и од околината – од Лабуништа, Подгорци, Велешта, Радолишта. Речиси секој ден ординацијата е полна со пациентки – вели д-р Даскаловски.


Д-р Жарко Даскаловски

За да не ги враќа по втор упат оние пациентки на кои треба да им се направи и ЕХО, тој го запишува прегледот на упатот за мамографија.

– На оние жени за кои ќе проценам дека треба, им правам и ЕХО преглед, таман работа да ги враќаме! Оваа година одбележуваме 15 години мамографија во домот во Вевчани – вели д-р Даскаловски, кој неколку пати во неделата попладне прегледува и во охридската болница.

Термините во домот во Вевчани се резервирани до крајот на октомври, а веќе ги испратиле оние за ноември, па преку матичните лекари може да се закаже преглед.

Приоритетен упат може само од хирург или од онколог!

Во врска со тоа зошто нема доволно термини за преглед во Скопје и зошто матичните лекари не можат да издадат ниту приоритетни упати, надлежните со одговор:

– Министерството за здравство и Управата за електронско здравство се во постојан контакт со пациентите преку посебна контакт линија и запознаени се со одредените проблеми со кои се соочуваат пациентите во однос на термините. За таа цел во континуитет реагираме и се обезбедуваат дополнителни термини и за оваа категорија пациентки. Истото, секако дека е во согласност со можностите и капацитетите на самите установи и поради ограничениот број ресурси (технолози и радиолози) кои се користат при овие дијагностики, се прави обид сите апарати да бидат оптимално искористени – објаснуваат од ресорното Министерство и нагласуваат дека оние пациентки кои се итни случаи не чекаат за преглед.

За пациентите од онкологија и торакална хирургија се отворени посебни термини, достапни само за лекарите од тие установи, кои треба да се користат при поитни потреби од снимање. Во тек е и скринингот во рамки на Програмата за рано откривање рак на дојка и овие прегледи се бесплатни за жени над 50-годишна возраст кои ќе добијат покана за мамографски преглед, велат надлежните.

А за тоа зошто мора да се извадат два упата, појаснуваат:

– Мамографија на дојка и ЕХО на дојка се две различни дијагностички процедури, кои се работат на два различни апарата, во различни термини за преглед. Не секоја установа, која има ЕХО има и мамограф и обратно. Лекарот специјалист или матичниот лекар упатува на дијагностика, според неговото мислење и врз основа на медицина базирана на докази (на една од двете процедури или на двете заедно). Можно е при прегледот радиологот да посочи дека смета дека е потребно да се направи и дополнително иследување. На пример, во скринингот на дојка се прави само мамографија, а доколку радиологот смета дека има потреба од дополнителен ЕХО-преглед или директно биопсија или преглед и од торакален хирург, тоа го посочува во својот извештај. Потоа матичниот лекар упатува во посебни термини за овие пациентки – велат во Министерството.

 

 

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...