Заев – „Целта ги оправдува средствата“

2973

Пораките на Заев од собраниската говорница за „простување и помирување кои упатуваа на амнестија за настаните од 27 април“, ги вознемирија духовите и на противниците и на симпатизерите на премиерот.

Многу прашања и дилеми се отворија: Дали е амнестија? Помирување? Христијанска прошка? Невешта порака со добри или лоши намери? Дали Заев „се лигавеше“? Дали погрешно мафташе со маслиново гранче? Дали овој макијавелистички чин е етички или правен потег, политички или аполитички гаф? Кој му дал на Заев мандат за амнестија и зошто самиот да решава за такво прашање? „Дали е император, султан, цар, принц кој може да дели амнестија како од ракав?“ Ова е само дел од колажот на реакциите, толувањата, осудите и разочарувањата на новинарите, експертите, граѓаните и симпатизерите од „Шарената револуција“.

Дали е етички?

Според Макијавели „етиката и политиката“ се две сосема различни и дури спротиставени категории. Доколку еден владетел, пардон политичар, сака да биде успешен, тој треба да ја занемари етиката, порачува заговореникот на реал-политиката, Никола Макијавели. Со понудата од 15 октомври, Заев навлезе во темето на Макијавели, но не како член на невладина организација туку како политичар. Во кусата историја на независна Македонија, таква прагматичност преживеавме и во дведесеттите при промената на Уставот, знамето и референцата за меѓународна употреба, и во 2001 при потпишуваето на Охридскиот договор и Амнестијата на борците на ОВК/УЧК, односно во 2004 со Законот за територијална поделба. Прагмата одеше пред демократијата. Влоговите беа, членство во ООН, стабилизација и безбедност…

Сите оние што се и помали познавачи на политичките науки, јасно им е дека политичарот во текот на своите политички ангажмани е соочен со етиката и прагмата кои не се секогаш во синергија. Свесен на големите премии, на македонскиот Raison d’Etat како членството во НАТО и ЕУ, Заев „ги оправдува сите средства за да ја реализира возвишената цел“.

Можеби се размислуваше премногу емотивно и нервозно кога довчерашните сојузници го распнаа побожниот Заев и го исплукаа. Неговата филозофија беше едноставна и многу земска: „Не е важно на кој начин ќе го добиеш она што го сакаш, туку битно е да го оствариш, а тоа е евроатлантска Македонија“. Но прагматизмот на Заев беше лошо протолкуван. „Оној што згрешил треба да одговара, во спротивно пак ќе ни се повтори 27 април“, сугерираат мнозинството критичари. Меѓутоа, иако недоволно поддржан од своите, Заев и овој пат дискретно и храбро ја тера својата идеја. Целиот овој товар е комплексен и противречен, особено кога некои довчерашни атлантисти, почнаа да развиваат тези дека „членството во НАТО и не е толку важно, доколку се амнестираат криминалците од 27 април“.

Дали целта ги оправдува средствата?

Овој израз подразбира дека „за да се постигне одредна позитивна цел, дозволени се и некои недозволени средства“. На пример „кога би можеле да го спасиме човештвото доколку убиеме некого, дали е тоа оправдано“? Ако одговорот е афирмативен, тогаш „од етичка гледна точка, праведниот епилог го оправдуваме преку употреба на неморален чин“. Во Македонскиот случај на Заев, тој е подготвен „да им прости и да им понуди амнестија и на оние што сакаа да го убијат, па дури и да воведат војна диктатура“, во замена за членството во НАТО и патот кон ЕУ. Меѓутоа, Заев не убива никого за да направи нешто добро.

Можеби во очите на јавното мислење премиерот би го злоупотребил владеењето на правото, со легални политички и правни средства. Во овој случај тој е подготвен на жртва, на сопствената политичка кариера, и на неговата личност како страдалник од 27 април, само за да успее големата идеја. Со оглед дека Заев е побожен човек, кој верува дека „Господ е добар, светол, правичен и милостив“, а „сите грешни однесувања на луѓето се израз на човековиот грешен карактер“, разбирливо е како што проповеда Библијата „да им се прости на грешниците“.

Божји расплет или политички рационализам

Иако истакна дека „не му паѓа на ум да влијае врз институциите и судовите кога е во прашање заемното помирување“, сепак Заев смета дека „помирувањето и простувањето е неопходно за да можеме да живееме заедно“. Ова е политичка порака со задршка. Мнозинството знаеме, дека амнестијата може да се изведе преку министерот за правда кој може да му предложи на претседателот на државата да ги амнестира оние што го потикнаа и го девастираа Собранието. Не е тајна дека меѓу таа толпа има „самоубедени квази-патриоти“, занесени Македончишта по професија, кои живеат во некој свет од минатото, но и луѓе со криминални досиеа кои планирале да го убијат Заев. Дали, сето тоа може да се апстрахира и измирувањето да се сфати како исклучиво „божји расплет“? Можно е но не и по секоја цена. Освен опишаниот „божји расплет“ за „состојбата на етиката“, постојат уште најмалку три реал-политички причини кои го оправдуваат потегот на Заев.

Прво, со евентуалната аманестија можно е навистина да се случи приближување на спротиставените политички опции, но и на луѓето кои водеа битка на „живот и смрт“ слична на онаа на Конор Мк Грегор и Хабиб Нурмагомедов.

Второ, со овој потег Заев, забива вистински клин во сржта на ВМРО-ДПМНЕ, помеѓу бирократите, салонските политичари од „белиот дворец“ кои одбиваат компромис и изманипулираните кои ги очекуваат тешки казни. Разбирливо овие луѓе во амнестијата на Заев гледаат излез и спас од тешките долгогодишни казни. Доколку пратениците на ВМРО-ДПМНЕ одбијат компромис тогаш „грешниците“ од 27 април, нема да имаат милост за нивните господари кои ги натерале или платиле да го загрозат државниот и уставниот поредок на 27 април. Тие ќе проговорат без страв. Во такви услови секој несреќник е свртен кон сопствената судбина. Секако во овој случај Никола Груевски нема да одговара за можната вмешаност во настаните од 27 април, туку за други дела.

Интересно е дека со овој чин ќе се прекинат и евентуалните истраги кон улогата на претседателот на државата за идејата околу прогласувањето на воената состојба.
Трето, во македонското јавно мислење кое сѐ уште не може да се помири со амнестијата на борците на ОВК/УЧК од 2001, ќе се изедначат амнестираните. На тој начин и Македонците ќе си добијат сопствена амнестија. Амнестија за амнестија, иако ги третираше меѓуетничките судири а втората е за обидот за рушење на уставниот поредок на РМ.

Убеден сум дека потегот на Заев и не е така лош како што беше оценет во првите емотивни реакции на домашната јавност. Неговиот предлог во „завиена форма“ му овозможува активна позиција наспроти ВМРО-ДПМНЕ кое сѐ уште е под шок-терапија како на овој настан така и на незадоволствата на американската администрација.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...