Остро ја осудуваме практиката на Атанас Кировски, директор и главен и одговорен уредник на Телма, кој на новинарите од телевизијата им забранува да објавуваат било какви коментари, мислења и анализи на социјалните мрежи и им се заканува со казни ако не ја почитуваат ваквата наредба, реагираат од Здружението на новинарите на Македонија (ЗНМ) откако на социјалните мрежи се прошири информацијата за забраната.
Општо и арбитрарно забранување на секакви коментари и мислења на новинари во социјални мрежи повикувајќи се на почитување на наводна неутралност од политичките процеси, според ЗНМ, претставува најбрутално кршење на слободата на говорот, кое е загарантирано со македонското и меѓународното право.
„Оваа забрана е еклатантен пример на цензура на интернет, која има за цел да поттикне самоцензура кај новинарите на Телма за да го прилагодат нивното известување согласно вкусот на главниот и одговорен уредник Кировски. Во светот има практики каде новинарите се повикуваат да се воздржат да коментираат за политичките процеси на социјалните мрежи со цел да се сочува угледот на медиумот и тоа претежно се применува во јавните радиодифузни сервиси. Меѓутоа, таквото ограничување е предвидено во внатрешните етички кодекси на медиумот, кои се јавно објавени и каде јасно се прецизира за кои новинари се однесува и во кои ситуации можат да се применат ограничувањата“, пишува во реакцијата на ЗНМ.
Факт дека забрана за коментирање на социјални мрежи не го опфаќа и самиот директор и главен и одговорен уредник на Телма, според Зружението, покажува дека практиката не е формализирана преку донесување на внатрешен акт, туку е своеволна одлука, која е селективна и дискриминаторска. Целта на забраната првенствено не е да се сочува угледот на телевизијата, туку да се контролира новинарската слобода.
ЗНМ јавно го повикува директорот Кировски да ја повлече ваквата забрана затоа што со вакви непромислени одлуки се ограничува новинарското изразување што негативно ќе се одрази на квалитетот на програмата и угледот во јавноста за Телма, која претендира да биде слободен и професионален медиум.
Со реакција за забраната се јавија и од Самостојниот синдикат на новинари на Македонија (ССНМ) од каде бараат Кировски да ја повлече наредбата за забрана на изразување мислења и ставови на социјалните мрежи на новинарите вработени во редакцијата .
ССНМ смета дека содржината и тонот на наредбата се особено навредливи и понижувачки, не само за новинарите во ТВ Телма, туку и за имиџот на самата куќа и нејзиното раководство.
„Однесувањето на новинарите на социјалните мрежи не може и не смее да се ограничува, исто како што не може и не смее да има разлика меѓу нивниот професионален и приватен систем на вредности. Но, тоа не е прашање на наредби и санкции, туку прашање на фундаменталниот интегритет на новинарот и прашање на внатрешен дијалог и доверба во редакцијата која пак, својот интегритет го црпи токму од новинарите и нејзините уредници“, реагираат од Синдикатот.
Со неразбирањето на ова и истакнувањето на еднонасочно срочена забрана со најава за санкции, менаџментот на ТВ Телма, според ССНМ, покажува елементарно непочитување на прашањето за општествена одговорност, не само на новинарите, туку и на медиумите и не може поинаку да се толкува, освен како израз на своеволие што оди во насока на попречување на слободата на мислење и говор, темелни права на човекот.
Синдикатот бара ТВ Телма да ја повлече одлуката веднаш и да формулира правилник на однесување на социјалните медиуми, што е востановена пракса во медиумите во светот.