Надвор од каква било логика односно целосно е во спротивност со правната држава каква што е Македонија каде законите треба да важат подеднакво за сите, е оценката на Владата за иницијативата поднесена од адвокатска канцеларија во Скопје до Уставниот суд за поведување постапка за оценување на уставноста на два члена од Кривичниот законик.
Ова е одлуката донесена на вчерашната владина седница со која таа на барање за мислење од страна на Уставниот суд, му предлага на судот да не ја прифати оваа иницијатива. Станува збор за иницијатива поднесена од адвокатската канцеларија Еленко Миланов која застапува еден од поранешните високи функционери, а со која се бара одговорноста за неправилности во јавните набавки да се префрли врз комисиите за јавни набавки и од каква било одговорност да бидат заштитени функционерите.
– Владата му предложи на Уставниот суд да не ја прифати иницијативата со цел да се оневозможи избегнување одговорност за сторени кривични дела од страна на високи функционери од претходната влада за кои во моментов се води постапка од СЈО, рече на денешната прес-конференција владиниот портпарол Миле Бошњаковски.
Тој посочи дека истовремено со иницијативата се бара и предметите кои се водат во овој момент, а се однесуваат на кривични дела поврзани со злоупотреба на службената положба и овластувње да бидат запрени се додека Уставниот суд не се произнесе по неа.
– Ова е неприфатливо во ниту една форма. Амнестија во Република Македонија нема да има за кој било што се огрешил од законот без оглед на етничката или политичката припадност, посочи портпаролот Миле Бошњаковски.