По 50 години се враќа во родниот Железнец да му влее живот (ГАЛЕРИЈА)

862

Златко Нечкоски-Нечко по 50 години му се враќа на родното село Железнец за таму да ги мине последните години од својот живот. Пробал сегде, планинар е, цел Балкан го има поминато, ама вели дека коренот го влече. Сега гради викендичка.

– Планинар сум и имав купено место во Ниже Поле под Пелистер. Како што е Катманду за Монт Еверест, така е Ниже Поле за Пелистер. Зедов таму место за викендичка, но како минуваше времето, сѐ ме влечеше тука. Продадов таму и сега си правам тука на коренот. Имав 13 години кога си заминав, а сега се враќам. На Божиќ ќе наполнам 69 години – рече Нечко, кој во РЕК Битола работел од основањето до пензија.

Една куќа во Железнец има наследено од прадедо, а една изградил сам за да остави како што вели своја трага.

– Дедо ми на времето бил во Америка и кога фатила кризата исто како во песната, баба ми продала сѐ за тој да се врати. Потоа отишол во Албанија и поминал толку многу, ја направил таа куќа, која јас не смеам да ја баталам. Се заветив дека ќе ја дотерам. Имам и стара и нова куќа овде и сѐ околу нив си работам – вели тој.

Инаку, тој во стан во Битола живее од својата 27. година. А сега конечно се чувствува како да е дома.

– Во Железнец само во неколку куќи живее по некој на поодминати, стари години. Се охрабрувам што можеби и јас сум повод, но има седумнаесеттина пензионери кои се заинтересирани да направат тука викендички. Помладите доаѓаат за викенди и за празници. Има многумина кои бараат плац или куќа, ама има проблем со некои од куќите што се на повеќе наследници и тешко се продаваат – појасни тој.

Железнец се попримамлив за туристите

Во ова магично место има куќи со прекрасна стара архитектура. Нечко ­­­­се зафатил со уредување на зараснатите патеки, за да може да се стигнува лесно до археолошкото наоѓалиште Градиште, кое е интересно за посета. Покрај реката порано имало бавчи и земјоделство, како и сточарството. Туристи можат да ги видат остатоците од плевни и трла кои постојат, би можеле да одат на коњ.

– Се чувствувам како дома. Сите обраснати патчиња кои значат нешто и водат кон интересни места ќе ги приспособам за движење. Зачестија туристи кои сакаат да ги видат изворите на Црна Река. Тука имаме четири реки на мала оддалеченост – рече тој.

За водата кај изворот вели дека е кристално чиста и има пастрмка, а потоа се загадува по течението на реката.

– Јас отсекогаш планинарев. Некои ми велеа „а бе, што се зафркаваш, планината е за животните“. Сега некои од нив среќавам како пешачат оти им ставиле стентови. Им велам, „сега што правиме, морате принудно да пешачите“. А јас пешачам цел живот од задоволство – додаде Нечко.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Плусинфо значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени тука.




loading...