На рочиштето за настаните од 27 април лани, на кое треба да сведочи загрозениот сведок, судечкиот совет одлучи да ја исклучи јавноста, со што судот отстапи надвор од законската рамка и воспоставената пракса на меѓународните трибунали, особено праксата на Меѓународниот кривичен суд, како и Хашкиот трибунал, реагираат од Коалицијата „Сите за правично судење“
„Иако според членот 354 од Законот за кривична постапка (ЗКП), испитување на загрозен сведок не е основ за исклучување на јавноста, сепак овој член дава можност јавноста да биде исклучена доколку е загрозена безбедноста на сведокот. Битно е да се напомене дека овој член е општ член кој се однесува на сите сведоци (за кои не се предвидени посебни мерки за заштита), па поради тоа е дадена опција судот да ја отстрани јавноста доколку има реална закана по безбедноста на сведокот“, пишува во реакцијата.
Настрана од овој член, напоменуваат од Коалицијата, ЗКП содржи специјални одредби кои се однесуваат ексклузивно на испитувањето и обезбедувањето на загрозените сведоци, за кои се предвидени посебни правила на испитување, па поради тоа истите не се споменуваат како основ за исклучување на јавноста во членот 354.
„Законот за кривичната постапка го регулира прашањето за заштита на загрозените сведоци на главната расправа во членот 228, па според овој член загрозените сведоци се испитуваат на посебен начин, кој според ставот 4 од истиот член „(посебниот начин на испитување) може да се состои од прикривање на идентитетот, а во определени случаи и изгледот на сведокот.“ Така, според овој член се обезбедува сигурноста на загрозениот сведок од аспект на заштита на личните податоци и идентитетот, но не и во однос на исказот даден од страна на загрозениот сведок. Овој член не го препознава исклучувањето на јавноста како начин на заштита на сведокот поради тоа што загрозениот сведок првенствено треба да биде заштитен од обвинетите, а не од јавноста“, посочуваат од организацијата.
Во членовите од законот (229 и 230) се предвидуваат посебните услови за начинот на испитување на загрозените сведоци, но во нив никаде не е предвидено исклучување на јавноста поради безбедноста на сведокот.
Од Коалицијата потсетуваат и на праксата на Меѓународниот кривичен суд, на Хашкиот трибунал, како и на Кривичниот суд во Скопје за случајот „Монструм“ каде јавноста беше присутна на сведочењето на загрозениот сведок.
Со оглед на тоа што судот на обезбеди технички услови за испитување на сведокот во одвоена просторија преку аудио-видео опрема, како и тоа што е обезбеден идентитетот и сигурноста на сведокот согласно законот, „Сите за правично судење“ сметаат ека исклучувањето на јавноста од судницата не може да се смета дека придонесува за безбедноста на сведокот, туку влијае исклучиво на транспаретноста на судот и јавната доверба во него.
Тие потсетуваат и на вчерашниот инцидент кога адвокатите се жалеа на условите за работа, па беа казнети и излегоа од судница, на кои што настани, велат од Коалицијата, ако јавноста беше присутна ќе понудеше објективна оценка на состојбата со што ќе се поттикнеше јавна дебата и изнаоѓање на решение за идните вакви слични ситуации, што во крајна линија ќе придонесе за подобрување не само на правата на обвинетите, туку и на ефикасноста на обвинителството, перформансот на судството, како и јавната доверба во истото.